X
 06.08.2019 Наука

Ново тестирање на крв може да детектира Алцхајмерова болест 20 години пред симптомите

Истражувачите од Медицинското училиште при Универзитетот „Вашингтон“ во Сент Луис, Мисури, велат дека оствариле значителен напредок при развивање тест на крв кој може да открие Алцхајмерова болест - до 20 години пред да се појават симптомите.

Тие се надеваат дека тестот ќе помогне за идните испитувања преку забрзување на скрининг-процесот за потенцијалните учесници во клиничките испитувања, додека во самиот процес ќе го забрза патот до лек за Алцхајмерова болест.

- Моментално ги испитуваме луѓето со скенирање на мозокот, што бара време и е скапо и за запишувањето на учесниците се потребни години. Но, со тест за крв можеме потенцијално да скенираме илјадници луѓе во еден месец - истакна Рандал Бејтмен, професор по неврологија на универзитетот.

Тестот ги мери нивоата на амилоид бета - протеин кој се наоѓа во мозоците на пациентите што страдаат од Алцхајмерова болест. Тестот сега може да се изведува само преку скапото ПЕТ-скенирање.

Но, овој тест сè уште не е подготвен за да стане целосно оформен тест за дијагноза: степенот на успех на новиот тест бил само 88 отсто при тестирање во кое биле вклучени 158 лица постари од 50 години.

Сепак, тестот може да им биде од помош на здравствените професионалци во иднина со скринингот за Алцхајмерова болест и колку порано лекарите можат да ги детектираат знаците за оваа тивка болест, толку подобро.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука