X
 11.05.2021 Технологија

„Твитер“ овозможува да им дадете бакшиш на некои корисници

„Твитер“ има нова опција за давање бакшиш на други корисници. Компанијата соопштила дека оваа опција е едноставен начин да се поддржат неверојатни гласови кои поттикнуваат дискусии. На почетокот може да се доделува бакшиш само на одредена група луѓе кои се „креатори“, новинари, експерти и лица што не создаваат профит.

Опцијата засега е достапна само на мобилната верзија од платформата, а може да се префрлаат средства преку „Пејпал“, „Венмо“ и „Кеш еп“. Некои корисници го критикувале „Твитер“ за опцијата бидејќи при плаќањето преку „Пејпал“ се овозможува дознавање на електронската адреса на донаторот, додека во други случаи е видлива електронската адреса на корисникот што ги прима средствата.


Фото: Pixabay

Од „Твитер“ одговориле дека не може да го контролираат начинот на кој „Пејпал“ управува со овие податоци. Од „Пејпал“, од друга страна, изјавиле дека проблемот може да се одбегне доколку корисниците користат опција за плаќање на пријатели и семејство наместо за производи и услуги.

Постојат и грижи за начинот на кој ќе се користи оваа опција, особено затоа што на новинарите им е забрането да примаат подароци, а не се знае како бакшишот на „Твитер“ ќе биде третиран од страна на редакциите.

Теглата за бакшиш на „Твитер“ е последна во низата експерименти на социјалната мрежа, која во последните години расте побавно. Овој месец компанијата ја купи „Скрол“ - услуга која ги отстранува огласите од медиумските веб-страници. Од „Твитер“ најавиле дека оваа услуга ќе биде дел од платформата.

Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија