X
 18.11.2023 Живот

Оваа земја го забрани „Тик-ток“, а причината е прилично интересна

За забранувањето на социјалната мрежа „Тик-ток“ се зборува многу, а најголем дел од барањата поврзани со забраните се поврзани со безбедноста, односно наводната поврзаност на мрежата со кинеската владејачка партија.

Една од земјите која од зборови преминува на дела и најави забрана за оваа мрежа е Непал, но причината за забраната е доста интересна и нема никаква врска со Кина. Имено, оваа земја планира да го направи овој прилично радикален чекор бидејќи „Тик-ток“ негативно влијае врз нивната „општествена хармонија“.

Река Шарма, министерка за комуникации и информациски технологии на Непал, вели дека одлуката за забрана е донесена затоа што на „Тик-ток“ постојано се објавуваат содржини што ја нарушуваат социјалната хармонија, семејните структури и општествените односи. Исто така, беше заклучено дека постои тенденција за ширење говор на омраза токму на оваа социјална мрежа.

Одлуката за забрана на „Тик-ток“ доаѓа по неколку дена откако во Непал стапи во сила директивата со која се бара од сите платформи за социјални медиуми што се користат во земјата да имаат свои канцеларии во Непал, а во моментов се работи на технички предизвици за да се овозможи забраната да стапи во сила.

Непалската влада објаснува дека причината за воведувањето на директивата е фактот што популарните компании немаат претставници во таа земја, што им отежнува на властите да ги решат проблемите за кои корисниците се жалат на социјалните мрежи, вклучително и проблемите поврзани со отстранување несакана содржина.

Како и обично кога се воведуваат забрани, не сите жители, па ни политичарите се задоволни од таквите одлуки. Иста е ситуацијата и со оваа забрана, па Гаган Тапа, член на Претставничкиот дом, смета дека се добива впечаток дека владата со овој потег сака да ја задуши слободата на изразување. Иако се согласува со воведувањето регулатива, која е неопходна за да се спречи злоупотребата на социјалните мрежи, Тапа вели дека целосната забрана на социјалната мрежа е погрешен метод.

Инаку, „Тик-ток“ е една од најпопуларните социјални мрежи во светот и се наоѓа на 6. место на глобално ниво.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот