Ако се чувствувате како да сте се разбудиле едно утро изгледајќи постаро, веројатно не грешите. Имено, новото истражување на научниците од Универзитетот „Стенфорд“ покажало дека во животот на луѓето постојат две пресвртни точки во кои повеќето луѓе стареат одеднаш.
И не, тоа не е само субјективно чувство, туку нашето тело драматично старее на молекуларно ниво. Научниците кои проучувале различни молекули и микробиоми во човечкото тело откриле дека нивниот број не се менува постепено, туку нагло и во точно одредено време. Истражувачите велат дека овие брзи промени се случуваат во просек на возраст од 44 до 60 години.
- Човек не се менува само постепено со текот на времето. Се случуваат некои навистина драматични промени. Средината на 40-тите се покажа како време на драматични промени, како и раните 60-ти. И ова е точно без разлика на која класа на молекули гледате - вели д-р Мајкл Снајдер, професор по генетика и постар автор на истражувањето.
Како што истакнуваат научниците, овие промени влијаат врз нашето здравје, а најмногу врз циркулаторниот систем, но и врз имунолошкиот систем.
За истражувањето, научниците користеле податоци од 108 субјекти за подобро да ја разберат биологијата на стареењето. Испитаниците давале примероци од крв и други биолошки примероци на секои неколку месеци во текот на неколку години, а научниците следеле цела низа параметри во овие примероци - од РНК, протеини и метаболити, до промени во микробиомите. Тие собрале околу 250 милијарди различни податоци, кои потоа ги анализирале.
Анализите покажале дека повеќе од 80 отсто од молекулите во човечкото тело брзо се менуваат во одредени периоди од животот на една личност, а тоа најчесто се случува во средината на 40-тите и раните 60-ти.
Тоа што толку многу драматични промени се случуваат во раните 60-ти можеби не е изненадувачки, објаснува Снајдер, бидејќи се знае дека многу ризици од болести поврзани со возраста и други феномени поврзани со возраста се зголемуваат во тој период од животот.
Но, промената што се случи во средината на 40-тите ги изненадила научниците. Прво тие мислеле дека промената се случува само кај жените поради влегувањето во перименопауза и менопауза, но кога ги погледнале податоците на машките субјекти откриле дека и тие влегуваат во период на промени.
Ова сугерира дека додека менопаузата или перименопаузата може да придонесат за промените забележани кај жените во средината на 40-тите години, веројатно постојат други, позначајни фактори кои влијаат врз овие промени и кај мажите и кај жените. Идентификувањето и проучувањето на овие фактори треба да биде приоритет за идните истражувања, посочуваат научниците.
Меѓу другото, кај луѓето на возраст од 40 години се забележани значителни промени во бројот на молекули поврзани со алкохолот, кофеинот и метаболизмот на липидите, кардиоваскуларните заболувања и кожата и мускулите. Од друга страна, кај луѓето во нивните 60-ти, промените најмногу се поврзани со метаболизмот на јаглехидратите и кофеинот, имунолошкиот систем, бубрежните заболувања, васкуларните заболувања и кожата и мускулите.
- Можно е некои од овие промени да се поврзани со животниот стил или факторите на однесување кои се групирани во тие возрасни групи, наместо да бидат поттикнати од биолошки фактори - вели рече Снајдер.
Без оглед на причинителите, постоењето на овие групи укажува на потребата луѓето да внимаваат на своето здравје, особено во 40-тите и 60-тите години, истакнуваат научниците.
Тие советуваат луѓето во 40-тите и 60-тите да вежбаат повеќе, со цел да го заштитат срцето и да ја одржуваат мускулната маса, но и да го намалат консумирањето алкохол.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik