X
 11.06.2020 Образование

И приватните универзитети бараат платежна картичка за своите студенти

Уставот не прави разлика меѓу студент на државен и на приватен факултет

Приватните високообразовни институции бараат да им се исплати државна помош и на нивните студенти, односно да добијат домашна платежна картичка.
Уредбата со законска сила на Владата за издавање домашна платежна картичка, како финансиска поддршка за млади лица, била тема на дискусија на последната седница на Конференцијата на приватни високообразовни установи. Оттаму велат дека со новите мерки на Владата се опфатени државјани на возраст од 16 до 29 години, кои се ученици во формалното средно образование или се редовни студенти на државните универзитети.

- Тоа значи дека оваа поддршка не може да ја добијат студентите на приватните високообразовни установи, со што тие се ставаат во нерамноправна положба. Со тоа се крши уставното право на студентите да ги имаат истите можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на вирусна пандемија и загрозена егзистенција на нивните семејства поради економските последици од здравствената криза, еднакво како и студентите од јавните универзитети. При одредување на правата на граѓаните Уставот не прави разлика во статусот на студент запишан на државен или на приватен универзитет, студентите од приватните универзитети се дискриминирани и им е повредено правото на еднаквост, загарантирано со член 9 од Уставот и Законот за високо образование - велат оттаму.

Конференцијата на приватни високообразовни установи бара во најкус можен рок да се исправи оваа неправда и да им се додели финансиска помош на сите студенти, вклучително и оние од приватните универзитети.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование