X
 09.10.2018 Наша тема

Македонскиот литературен јазик нема престижен статус во нашето општество. Дури и тие што го студираат – не го зборуваат

Јазичната непедантност зазема сѐ поголем замав, предупредува универзитетскиот професор Томислав Треневски и заклучува дека македонскиот јазик не ужива престижен статус во нашето општество

Да ги користиш строгите правила на македонскиот литературен јазик во слободниот говор, можеби звучи неприродно. Но, дали не треба да зборуваме литературно и во образовните установи, во институциите, медиумите...? Слика за свеста за македонскиот јазик дава и неговото познавање од страна на македонските студенти, идните интелектуалци.

Томислав Треневски, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели дека првиот впечаток што се издвојува е дека новите студенти не обрнуваат (пре)големо внимание за квалитетот на сопствениот јазичен израз кога се во ситуација да комуницираат службено.

- Се забележува големо присуство на дијалектни црти од каде што потекнуваат и сосем мали се настојувањата да се ослободат од „прангите“ на локалното. Причините се, сигурно, многубројни. Парадоксално, но не е далеку од вистината: македонскиот јазичен стандард нема престижен статус во јавната комуникација и затоа младите не чувствуваат потреба да се издигнат на потребното рамниште. Навиката е пресилна за да се јави внатрешен порив или поттик да бидат покоректни во комуникацијата - вели професорот.

Според него, чувањето на локалните дијалектни карактеристики е можеби своевиден заштитен механизам за студентите што доаѓаат од внатрешноста. Животот во новата средина ги принудува да се солидаризираат меѓу себе и затоа во почетокот на студирањето главно се здружуваат според географската припадност и на некој начин се сплотуваат за да се чувствуваат безбедни во новата средина, која за нив сѐ уште е туѓа и, во извесна мера, разбирливо е што се идентификуваат според сличностите.

- Јазичниот израз што е карактеристичен за Скопје е толку присутен и во медиумскиот простор, што младите од Скопје се доживуваат како носители на престижен јазичен образец и не вложуваат напор да го култивираат својот јазичен израз. За жал, искуството потврдува дека појдовните јазични (дијалектни) признаци не се менуваат и по неколкугодишно студирање. Има ретки исклучоци - вели Треневски.

Неопходно е институционално издигнување на македонскиот јазик


Како наставен или испитен предмет, македонскиот јазик се доживува како не многу привлечна содржина. Професорот вели дека е забележливо дека правилата се научуваат за да се даде одговор на испит, но по таквото „искушение“ повторно настапува закоравената навика, т.н. јазичен узус, што е толку вкоренет што говорителот веќе не ни забележува дека отстапува од нормата. Голем дел од граматичките правила не заживуваат во практиката.

- Секако, иновациите или подновувањата во јазикот се природна појава; тие се огледало на културниот миг во секое динамично општество, но ние не можеме да бидеме многу среќни што ситуацијата со јазичната непедантност зазема сѐ поголем замав. Може нагласено да се повтори: македонскиот јазик не ужива престижен статус во нашето општество – заклучува професорот.

Треневски објаснува дека проблемите произлегуваат од немањето доволно стабилизирана традиција за разграничување на степенот на официјалност во комуникацијата и не се идентификува како насушна потреба да се култивира сопственото јазично поведение кога е во прашање службената комуникација. Не е доволно ако имаме определен збир правила, ако притоа не се почувствува една природна неопходност дека е важно да се ослободиме од погореспоменатите „пранги“.

- Предизвиците се огромни пред сите нас. Потребно е институционално издигнување на македонскиот јазик како conditio sine qua non за вистински квалитетно образование. На пример, на некои студиски групи на кои се изучуваат странски јазици нема балансирано присуство на македонскиот јазичен стандард како појдовна основа (а подоцна и гаранција) дека е тој студиум толку обмислен и осмислен што ќе даде висококвалитетни резултати. Каков ќе биде одговорот ако за некоја суптилна јазична финеса во студиумот по странски јазик нема доволен мотив да се пронајде соодветно решение - вели Треневски.

Употребуваме странски зборови заради престиж

Грешки или некоректности може да се забележат на секое јазично рамниште. Според нашиот соговорник, се акцентира погрешно, одделни акцентски целости стануваат туѓи за новите генерации, изборот на лексиката или на зборообразувачките модели е своевидно продолжение на јазичното поведение што преовладувало во претстудентскиот период.

- Сѐ позабележливо е дека јазикот во комуникацијата страда од нагласена интерференција, т.е. има непотребно/некритичко присуство и силно влијание на туѓојазични елементи што не треба да се присутни. Непрестижноста на македонскиот јазик лесно може да се илустрира со голем број примери од странски јазици (што се смета за престиж?), односно не се доживува како проблем ако се употреби туѓојазичен елемент место македонскиот соодветник – вели професорот и додава дека овие согледувања се однесуваат и за писменото изразување.

Оваа состојба, споед професорот Треневски, е долготрајна, и за да се поправи, потребно е свесно дејствување, како институционално така и индивидуално.

- Потребна е поголема грижа (не сурова загриженост!), негување, своевиден афект (измотивирана приврзаност) дека е јазикот една од главните придобивки во животот и секако – впечатлива легитимација на академскиот граѓанин – заклучува професорот.

Фото: Архива
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема