Денес е четвртиот ден од процесот на ослободување на факултетите. Да, студентите не ги окупираа универзитетите...па човеку, не можеш да го окупираш тоа што е твое! Можеш само да го ослободиш! И овие три дена се покажаа како вистински студенти.
Морам да признаам дека многу ми е криво што не сум само една година постара, само една година за да гордо чекорам токму бидејќи сум студент.
Токму бидејќи покажаа голема будност, покажаа активност, покажаа дека се луѓе кои не дозволуваат да бидат устројувани. Го покажаа она што во сите нас тлее,но никако да излезе на површината. Покажаа дека не само што се способни да ги забележат грешките во образовниот систем, туку истовремено се подготвени и да ги исправат и тоа преку начин на кој сите студенти ќе можат да го искажат своето мислење. Заедно и подеднакво. Не со наметнување на туѓа волја, како што се обидуваат трулите нелуѓе на власт. Трули се бидејќи очигледно немаат свои размислувања, свои ставови, а и тоа што го кажуваат т.е. читаат не можат да го поткрепат со аргументи. Па се обидуваат да не' спуштат на исто ниво со нив. Труло е се’ она што е веќе нападнато однадвор од некои штетници кои го окупираат мозокот и ја заробуваат мислата. А нелуѓе се бидејќи се лицемерни, бидејќи се дволични и бидејќи прво плукаа врз вистински образованите луѓе, а потоа се однесуваа како да ништо од тоа не сториле. Да, не смее да се заборави третманот кон студентите и професорите во ноември и декември 2014 година. А, особено тоа што се случуваше во јануари 2015. Не смее!!
И да се вратам на аргументите... не можам да се начудам на силината на аргументите од типот: Лошо ни е образованието, мораме од некаде да почнеме.... па дипломи се купуваат,мора некако тоа да се реши....па не може некој што книга не чепнал да помине туку така... и врвот:Државниот испит ќе придонесе во подобрувањето на образованието на студентите(КАКО???)... аргументи ли се ова?? Многу е јасно дека со 5 прашања каде ти оценуваш ЕЛЕМЕНТАРНО ЗНАЕЊЕ не само што не можеш туку во нитуеден случај не смееш да дозволиш тој студент да продолжи со образованието. Особено на веќе дадени прашања(во средно образование таквиот начин на оценување(со заокружување) е за оценка(2)). Елементарното знаење се стекнува во основното и средното образование. И елементарното знаење не те прави подготвен за да можеш да дебатираш на таа тема, а пак воопшто да работиш. Велат: мора да се има минимум елементарно знаење за да се помине на државниот испит...аха...минимум значи...значи вас ви е важен минимумот, а за поголемо знаење.. нема пари за тоа бе, остај, ќе финансираме кампања за уништување, пардон, подигнување на свеста на граѓаните. Ама претходно, со минимумот да им ја уништиме, да немаат свест.
Велат дека овие 5 прашања нема да претставуваат проблем за оној кој вистински си учи... и дека секако, студентите ќе си учат, ќе си стекнуваат поголеми знаења ако сакаат. Со државниот испит ние само проверуваме дали знаат барем малку од тоа што треба... и дека ќе немало оценки туку некакви си поени што си ги освоил на тој толку обелуван државен испит. Па види, ако јас како иден студент ги одговорам точно тие 5 веќе дадени прашања (што не е воопшто тешко, отвораш книга, го наоѓаш одговорот и ете ти, завршена работа) ќе имам максимум поени, а уствари јас немам поим од тоа туку едноставно си отворив книга и ги одговорив тие прашања од базенот прашања и со способноста за меморирање, меморирав(што е далеку од секакво вистинско стекнување на знаење). Или евентуално ќе ги симнам од интернет затоа што несомнено ќе се направи група на социјалните мрежи или било каде, каде што ќе се ставаат фајлови со одговорите...и што се случува всушност? Јас како навидум паметна сум, положив државен испит. А претходно јас 10-ката сум ја добила учејќи теорија - па никој не инвестира во мојата практична настава.
Не постои такво нешто кај нас. И јас така со државниот испит си го подобрив образованието, нема никакви шанси да купам диплома (уствари, веќе споменатата 10-ка, не се сеќавам, магично ми беше запишана во индексот). Си патиме, си патиме од министри кои немаат способност за перцепција, од слепи луѓе кои следат наредби, си патиме од неактивност. Си патиме од погрешни инвестиции, од погрешни претпоставки, си патиме од грешките за кои НЕ ПОСТОИ дискусија за да се исправат, си патиме од скратувањето на можностите за информирање. Така тоа ни е. Во меѓувреме јас сфаќам дека не само што им се восхитувам на студентите туку уште повеќе расте мојата почит кон нив. Сфаќам дека тие не дозволуваат да патат и пред се’, се обидуваат да ни помогнат за да не патиме и ние. Затоа, ПОЗДРАВ ПЛЕНУМЦИ! Ослободете го универзитетот! Ослободете ја мислата!!!
Моника П.