X
 11.06.2022 Живот

Ова се девет основни типови хумор

Добрата смисла за хумор е меѓу највредните квалитети што може да ги посака еден човек.

Луѓето што знаат да се шегуваат и успеваат да ги насмеат другите се омилени во секое друштво - секој сака да има пријател што го подигнува расположението, наоѓа смешна страна во сè и умее сè да претвори во нешто позитивно.

Смеата ослободува бидејќи поттикнува спонтаност и разиграност. Доброто смеење е подобра антистрес-терапија од која било активност што сте ја планирале за да се опуштите. Несомнено, добрата смисла за хумор е голема доблест.


Експертите ги поделија видовите хумор во девет категории.

Физички хумор


Овој тип хумор вклучува физичка манифестација и може да вклучува сè, од смешни изрази на лицето, сопнување, паѓање и различни гестикулации во кои некои луѓе се толку добри што не мора да кажат ништо, а вие веќе умирате од смеење.

Вулгарен хумор

Овој тип хумор се потпира на срамни шеги, со употреба на многубројни сексуални референции, непристојни зборови и разни вулгарности, како што е испуштање гасови. Овој тип хумор обично не им се допаѓа на сите и е попопуларен кај машката популација, особено кај помладите.

Правење шеги на своја сметка

Ова е тип хумор развиен до совршенство од стендап-комичари, кои често се земаат себеси како мета на сопствените шеги за да ја насмеат публиката. Сите сакаме луѓе што умеат да се шегуваат на своја сметка, а овој тип хумор во последно време доживува бум благодарение на интернетот, особено преку мемињата.

smeenje
Фото: Freepik

Апсурден хумор

Овој тип хумор, како што кажува неговото име, обично посегнува по елементи на надреалното, нелогичното, апсурдното, па дури и гротескното. Со други зборови, ако сте мајстор за апсурден хумор, тоа всушност значи дека сте способни за тотално глупави шеги во кои фокусот е на нереални, невозможни или некохерентни ситуации. Најдобар пример за ваков хумор се светски познатите Монти Пајтон.

Способност за импровизација

Шегата е резултат на низа ментални операции - добрата смисла за хумор е знак за психолошко здравје, а луѓето кои се способни да смислат комична линија во миг без никаков претходен план се многу интелигентни. Ако реагирате  духовито и во најсериозните ситуации, тоа значи дека добро го владеете импровизацискиот хумор.

Саркастичен хумор

Тесно поврзан со пародијата, овој тип хумор обично прибегнува кон пародија и потсмев за да ги насмее луѓето, при што кажаното често има сосема спротивно значење. Луѓето склони кон овој тип хумор се многу интелигентни и многу елоквентни, но и не многу популарни во општеството…

Игра со зборови

Смеењето е спонтана активност, тоа не е нешто што можете да го планирате. Способноста да исфрлите комична шега во која посегнувате по повеќе значења на некои зборови или комбинации на зборови е главно знак за натпросечна ментална умешност, велат експертите.

Црн хумор


Ако сте личност склона кон црн хумор, тоа значи дека сакате да правите морбидни шеги, дека сте способни да се смеете на трагични теми и дека веројатно имате висок коефициент на интелигенција. Имено, истражувањата покажаа дека постои силна корелација помеѓу интелигенцијата и чувството за црн хумор.

Сув хумор

Верувале или не, постои нешто што се нарекува сув хумор. Во основа, ако сте личност склона кон сув хумор, тогаш сте способни да се шегувате, а да останете сериозни. Нема да покажувате емоции, а тоа што имате да го кажете, ќе го кажувате монотоно и сериозно, целосно рамнодушно, оставајќи дури и впечаток на наивност. Ако вашата смисла за хумор изгледа слична на онаа на Бил Мареј, тогаш ова е вашиот тип хумор.

Истражувањата покажуваат дека луѓето што се склони кон црн хумор имаат најмалку симпатии кон другите, додека повеќето луѓе сакаат комедија. Но, мислењата се различни за тоа што може да се смета за хумор. Нешто што е смешно за еден човек можеби не е за друг. Напротив, сè уште не е родена шега што барем на еден човек нема да му биде навредлива.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот