X
 11.06.2023 Наука

По престојот во вселената, потребни се најмалку три години на Земјата за мозокот да се врати во нормала

Патувањето во вселената е една од најлошите работи што може да ги доживее телото. Времето поминато во нулта-гравитација може да предизвика декалцификација на коските, атрофија на мускулите, слабеење на имунолошкиот систем, благо израмнување на окото и отекување на оптичкиот нерв. Времето во вселената, исто така, го изложува човечкото тело на нездрави дози на космичко зрачење, што може да го зголеми животниот ризик од рак.

Сега, астронаутите имаат уште еден дел од телото за кој треба да се грижат: мозокот. Според новиот труд објавен во „Сајентифик рипортс“, премногу време поминато во вселената може да предизвика значително отекување на мозочните комори - шуплини исполнети со цереброспинална течност што го амортизираат мозокот, го негуваат ткивото и го отстрануваат отпадот. По враќањето на астронаутите на Земјата, состојбата се решава бавно - толку бавно што авторите на трудот препорачуваат сите астронаути да останат на Земјата подолг период пред повторно да им биде одобрен лет во вселената.

Откривме дека колку повеќе време луѓето поминуваат во вселената, толку стануваат поголеми нивните комори. Многу астронаути патуваат во вселената повеќе од еднаш, а нашата студија покажува дека се потребни околу три години помеѓу летовите за целосно закрепнување на коморите - вели Рејчел Сајдлер, професорка по применета физиологија и кинезиологија на Универзитетот во Флорида и еден од авторите на студијата.

Сајдлер и нејзините 10 колеги ја спроведоа својата работа користејќи примерок од 30 астронаути; осум од нив неодамна летале на краткотрајни мисии не подолги од две недели, 18 летале на шестмесечни мисии, а 4 престојувале една година. 12 астронаути патувале првпат во вселената и 18 летале најмалку двапати. Тие биле подложени на магнетна резонанса (МРИ) на нивниот мозок и пред да полетаат и, во просек, шест дена по нивното враќање.

Истражувачите се сомневале дека може да забележат некои промени во мозокот кај сите 30 астронаути. Во вселената, течностите во телото имаат тенденција да се движат нагоре, поради што астронаутите често се жалат на конгестија на синусите кога се горе и често изгледаат малку надуени кога се појавуваат на ТВ. Во внатрешноста на черепот, бестежинската состојба исто така има свој ефект - и тоа веројатно треба да има значително влијание врз коморите.

patuvanje
Фото: NASA

Мозокот има четири комори: две странични комори - по една во двете хемисфери на мозокот; третата комора во близина на центарот на мозокот; а четвртата комора во мозочното стебло. Сите четири се поврзани со 'рбетот и постојано се хранат со цереброспинална течност (CSF), која тече внатре и надвор во редовен циклус. Во нулта-гравитација, таа течност се движи нагоре, преполнувајќи ги коморите и предизвикувајќи нивно зголемување. Исто така, тече назад кога астронаутите се враќаат во гравитационата средина. Но, самите комори не закрепнуваат толку брзо.

Кога истражувачите ги спровеле своите скенирања, откриле дека астронаутите што летале во двонеделни мисии не покажале зголемување на коморите. Но, кај оние што биле на шестмесечни и едногодишни мисии, дури и без вишок цереброспинална течност да ги пополни шуплините, десната латерална и третата комора останале зголемени, за 11 до 25 отсто од нивната нормална големина - и немало значителна разлика помеѓу двете групи.

- Овој модел посочува дека поголемиот дел од вентрикуларните промени во летот се случуваат во текот на првите шест месеци во вселената - пишуваат истражувачите.

Закрепнувањето од вентрикуларната експанзија бара време откако астронаутите ќе се вратат дома. Последователните МРИ покажале дека коморите се намалиле за 55 до 64 отсто седум месеци по враќањето, но целосното закрепнување траело многу подолго. Еден астронаут кој поминал една година во вселената имал вентрикуларно проширување по три години престој на Земјата - што ги навело истражувачите да постават тригодишна граница пред на ветераните астронаути да им биде доделена друга мисија.

Сè уште не е јасно каков ефект има проширувањето на коморите врз целокупното здравје на мозокот на астронаутите. Се чини дека ја намалува еластичноста на коморите.

- Сè уште не знаеме со сигурност кои се долгорочните последици од ова врз здравјето и однесувањето на астронаутите. Затоа треба да му се дозволи на мозокот да закрепна - вели Сајдлер.

Извор: Time.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука