X
 12.02.2020 Наука

Пожари и поплави - мапи од Европа предвидуваат климатски катастрофи

Детални мапи го разоткриваат нивото на можни шумски пожари, поплави, суши и потопи со кои Европа би можела да се соочи до крајот на векот ако не се дејствува итно за да се приспособиме и да му се спротивставиме на глобалното затоплување.

Просечно зголемување на морските нивоа за еден метар до крајот на векот - без никакви превентивни дејствија против поплави - би значело дека 90 отсто од површината на градот Хал, Британија, би биле под вода, истакнуваат од Европската агенција за животна средина.

Англиските градови како Норвич, Маргејт, Ранкорн и Блекпул исто така би можеле да се соочат со поплави во повеќе од 40 отсто на урбаните делови.

По должината на Северното Море, холандски градови меѓу кои и Хаг, Ротердам и Лајден се предвидува да се соочат со тешки поплави од просечното зголемување на морското ниво за еден метар, кое е предвидено доколку емисиите се зголемат за 4-6 степени над прединдустриските нивоа.

Моделот не ги зема предвид мерките за превенција на поплави што ги има Холандија, иако многу други земји немаат преземено такви дејствија.

Во меѓувреме, големи делови од Шпанија, Португалија и од Франција би можеле да имаат проблем со опустошување, а најлошо погодените зони според најлошото сценарио би можеле да имаат зголемување на сушите за 2,5 пати.

Потоплите лета го зголемуваат ризикот од шумски пожари, кои достигнаа рекордно ниво во Шведска во 2018 година. Ако емисиите надминат 4 степени, Франција, Јужна Германија, Балканот и Арктичкиот круг би можеле да се соочат со многу поголем ризик од пожари. Сепак, најголемата опасност од пожари би била во најјужните европски земји, кои веќе се склони кон огнови.

На север, зимите стануваат повлажни. Неуспехот во ограничувањето на глобалното загревање под 2 степени би значело дека во дел од Централна и Источна Европа - од Братислава на запад до Јарослављ на исток - веројатно ќе има остро зголемување на настаните на обилни дождови за време на есента и зимата до крајот на векот.

Во некои области од Централна и Источна Европа се предвидува 35-отстотно зачестување на обилните дождови.

Иако и порано биле објавувани климатски податоци, ова е првпат агенцијата на ЕУ да ги презентира со детални мапи поставени на интернет-страница. Агенцијата со седиште во Копенхаген се надева дека мапите ќе им го привлечат вниманието на одговорните и институциите во ЕУ.

- Многу е итно и мораме да дејствуваме сега - истакна Блаж Курник, експерт за влијанија на климатските промени и адаптација.

Дури и ако земјите успеат во рестрикцијата на зголемувањето на глобалните температури, според него, постојниот јаглероден диоксид во атмосферата сè уште ќе има влијание.

- Бројот на екстремни настани и зголемување на нивото на морето ќе продолжи да се зголемува во текот на следните децении до еден век. Зголемувањето на нивото на морето може да биде особено проблематично затоа што сè уште расте поради минатите емисии и моменталната концентрација на стакленички гасови - истакна Курник.

Агенцијата сака владите да се фокусираат на адаптирање на неизбежното глобално загревање.

- Адаптацијата е клучна во следните децении од векот - вели експертот.

Извор: Guardian
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука