Професорка од „Харвард“ препорачува сите да го „украдеме“ трикот за продуктивност на Германците.
Истражувачите што ја анализираат работата од далечина имаат добри и лоши вести во поглед на продуктивноста. Добрите вести се дека продуктивноста расте, барем краткорочно. Без патувањето до работа и колеги што постојано сакаат да зборуваат, всушност завршуваме повеќе обврски.
Лошите вести се дека оваа дополнителна продуктивност има последици врз балансот помеѓу работата и приватниот живот. Работата ни одзема повеќе часови од денот, а тоа влијае врз менталното здравје на некои работници.
Дали може да се ужива во зголемената продуктивност и да се најде време за приватните обврски? Ешли Виланс од факултетот за бизнис при „Харвард“ препорачува трик кој го користат
Германците.
Фото: Pixabay
Станува збор за идејата што се нарекува „фејерабенд“. Германците свесно одбираат настан или активност со која го означуваат прагот помеѓу работата дома и приватниот живот дома. Како што објаснува Виланс, со овој настан ментално се означува крајот на работниот ден.
„Фејерабенд“ е вечерно прославување што го означува крајот на работата, а често пати е проследен со германско пиво. Без разлика дали ќе го завршите денот со пијалак, закуска, џогирање или разговор со пријател, најдете ритуал што може да го означи крајот на работниот ден. Со овие дневни рутини Германците го слават она што го постигнале во текот на денот наместо да се фокусираат на она што останува незавршено.
Виланс не е единствениот експерт што препорачува означување на крајот на работниот ден. Терапевтот Керол Брус препорачува лажно патување во кое би направиле круг околу градината или зградата за ментално да се исклучите од работата.
Автор: Џесика Стилман
Извор:
inc.com