X
 25.01.2022 Наука

Колку долго и колку силно бустер-дозата штити од омикрон?

Варијантата омикрон на вирусот САРС-КоВ-2 се појави релативно неодамна, на почетокот од ноември. Првиот познат случај на инфекција со варијантата со официјално име B.1.1.529 е забележан на 9 ноември. Оттогаш се рашири низ светот и стана доминантна во многу земји.

Многу брзо се покажа дека многубројните мутации ѝ овозможуваат да го пробие имунитетот стекнат со вакцинација. Но, студиите покажаа дека третата доза на вакцина против оригиналниот сој на вирусот од Вухан обезбедува солидна заштита од инфекција, а особено од симптоматска болест, хоспитализација и смрт. Но, бидејќи се знае дека нивоата на антитела опаѓаат со текот на времето, се појави прашањето колку долго и колку добро постојните вакцини штитат од омикрон.

Заштитата од зараза со омикрон опаѓа релативно брзо


Првиот сериозен одговор на ова прашање го понуди новото истражување спроведено во Велика Британија, во кое омикронот брзо го замени делта-сојот, околу средината на декември 2021 година, и стана доминантен во Англија.

Според извештајот објавен од Агенцијата за здравствена безбедност во Обединетото Кралство во петокот, заштитата од инфекција по третата доза вакцинација би можела да трае помалку од шест месеци. Но, се чини дека заштитата од тешки форми на болеста е потрајна.

Истражувањата покажаа дека третата доза од вакцината „Фајзер“ две недели по вакцинацијата обезбедува заштита од омикрон од околу 70 отсто. Но оваа заштита релативно брзо опаѓа така што по три месеци е околу 50 отсто. Во друга анализа, научниците процениле дека по четири месеци може да падне на само 40 отсто.

Имунитетот не зависи само од мерливите нивоа на антитела

Нивото на антитела паѓа по вакцинацијата со која било вакцина. Сепак, антителата почнуваат да се регенерираат кога телото ќе дојде во контакт со вирусот, а исто така тие не се единствената заштита од вирусот.

Д-р Илија Бризиќ, имунолог од Медицинскиот факултет во Риека, Хрватска, вели дека нивото на антитела не е најдобар показател за заштитата што ја обезбедува имунолошкиот систем.

- Антителата се производ на плазма-клетките, или клетките наречени Б-лимфоцити. Некои од овие клетки стануваат мемориски клетки, а некои сè уште произведуваат антитела, иако сè помалку. Сепак, мемориските клетки практично опстојуваат доживотно и нивната главна улога е брзо да се создадат нови клетки кои произведуваат антитела доколку дојдеме во контакт со вирусот - вели Бризиќ.

- Затоа велиме дека тие се дел од стекнатиот имунитет, бидејќи ги стекнуваме со вакцинација, но и со прележување. Доколку вирусот успее да нè зарази бидејќи нивото на антителата било премногу ниско, мемориските клетки брзо ќе создадат нови плазма-клетки кои произведуваат антитела, вирус, односно ќе ги намалат последиците од инфекцијата и ќе имаме послаби симптоми кои ќе траат пократко - додава тој.

vakcinacija
Фото: Freepik

Ова одговара на она што гледаме дека се случува со омикрон


- Кога првпат ќе се сретнеме со патоген, ни требаат повеќе од 10 дена за да создадеме доволно плазма-клетки за да почнат да дејствуваат на вирусот. А ако имаме мемориски клетки, тогаш во рок од два до три дена имаме заштита на овој начин. На овој начин избегнуваме вирусот да ни нанесе поголема штета во тој период - додава имунологот од Риека.

Тој посочува дека со вакцинацијата се создава и друго ниво на стекнат имунитет, Т-лимфоцитите кои се дел од клеточниот имунитет.

- Овие лимфоцити не можат да спречат инфекција, но ги елиминираат клетките инфицирани со вирус и на тој начин придонесуваат за отстранување на вирусот од телото. Вакцинацијата го стимулира производството на Т-лимфоцити кои го препознаваат вирусот - вели тој.

- Важно е да се забележи дека е докажано дека ефектот на омикронот врз заштитата што ја обезбедуваат Т-лимфоцитите е минимален. Сето ова одговара на она што гледаме дека се случува со омикронот. Иако успева да зарази добар дел од вакцинираните и прележаните, ретко предизвикува посериозни болести - додава тој.

Заштитата од сериозни болести е потрајна

Едно британско истражување покажа дека бустер-дозата нуди посилна заштита од сериозни болести отколку инфекциите. Конкретно, истражувачите откриле дека две недели по примена трета доза на „Фајзер“, заштитата од хоспитализацијата била поголема од 95 отсто и останала на околу 80 отсто дури и по четири месеци.

За споредба, по две дози од која било вакцина, заштитата од тешка болест паѓа на 40 отсто по шест месеци. Наодите веројатно се однесуваат и на вакцината на „Модерна“ бидејќи таа работи на истиот принцип и обезбедува слична заштита како онаа на „Фајзер“ од други соеви.

Колку често ќе треба да се вакцинираме?


Се поставува прашањето колку често ќе треба да се вакцинираме во иднина. Веројатно има малку луѓе што би биле подготвени да го прават тоа на секои три месеци. Бризиќ вели дека е за очекување некои луѓе, ризични групи, во иднина да мора редовно да се вакцинираат за да се намалат последиците од инфекцијата со овој вирус.

- Имунолошки тешко е да се очекува дека поголемиот дел од населението што примило три дози од вакцината ќе се ревакцинира со постојните вакцини токму затоа што три дози треба да бидат доволни за да се создаде многу солидна имунолошка меморија, што е и целта на постојните вакцини - вели Бризиќ.

- Во случај на нови варијанти, кои се успешни во ширење како омикрон или делта, или вакцини специфични за нови варијанти, постои можност повторно да биде неопходно да се вакцинира општата популација за да се заштити здравствениот систем и, се разбира, да се намалат последиците. Во секој случај, имунитетот што досега се создаваше кај населението, односно создаден со вакцинација или прележување, треба да го заштити поголемиот дел од населението на одреден период. Потребно е да се вакцинираат што повеќе луѓе, вклучително и оние што прележале бидејќи многу студии покажаа дека само прележувањето на болеста не е доволна заштита и дека имаат голема придобивка од вакцинацијата и оние што ја прележале болеста - додава имунологот.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука