X
 11.08.2020 Образование

Онлајн-уписите се во тек на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип

Вкупно 3.831 слободно место има за новите бруцоши што ќе се запишат да студираат на некој од 12 факултети и трите академии на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Онлајн-аплицирањето е во тек, а интерес постои за сите насоки на сите факултети.

Оваа година, поради ситуацијата со Ковид-19, мораше да се даде решение за уписи со што е можно помал ризик. Проректорот за настава и студенти, проф. д-р Мишко Џидров, информира дека пријавувањето е почнато уште од 1 јули годинава.

Проф. д-р Мишко Џидров

- Имаме наш систем за онлајн-пријавување, каде што секој кандидат може да влезе, да си креира профил и да ги внесе потребните податоци. Исто така, овој систем овозможува и да вршат плаќања. Сето тоа што го внесуваат, може да си го зачуваат, а ние имаме можност да го гледаме како информација. Во овој летен период секој кандидат треба да дојде да ги достави документите на посочените места во нашите наставни центри. Понатаму ние ќе ги верификуваме податоците и кандидатите ќе бидат спремни за рангирање во првиот уписен рок. Службите работат секој ден во периодот од 9 до 12 часот - вели проф. Џидров.

Во врска со тоа на кој факултет е интересот најголем, тој вели интерес има за сите факултети, но дека попрецизни информации во однос на интересот ќе има кога ќе заврши првиот уписен рок.

- Кандидатите можат онлајн да се пријават и да ги достават документите во еден од нашите наставни центри во Скопје, Струмица, Кавадарци, Гевгелија и Штип. Она што е важно е дека ако некој, на пример, сака да се запише на УГД, а е од Скопје, тоа може да го направи во Скопје, во нашиот наставен центар. Не мора да доаѓа во Штип - додава професорот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование