Од работниците често можете да слушнете дека нивните претпоставени не се најдобри луѓе или барем не се однесуваат најдобро со нив. Има многу замерки од сите страни, но не секој има можност да работи за некои од најбогатите и секако најмоќните и најпознатите луѓе во светот.
Еден твитер-корисник сподели неколку мејлови напишани од шефовите на мегакомпаниите „Тесла“, „Епл“, „Фејсбук“ и „Мајкрософт“ испратени до нивните вработени.
Така, на 13 мај 2022 година, Илон Маск испратил мејл до сите вработени со наслов „Да бидам совршено јасен“.
- Секој (кој работи) во „Тесла“ мора да поминува минимум 40 часа неделно во канцеларија. Згора на тоа, канцеларијата мора да биде местото каде што се наоѓаат вашите колеги, а не некоја псевдо-канцеларија на далечина. Доколку не се појавите, ќе претпоставиме дека сте дале отказ. Колку е повисока вашата позиција, толку повидливо мора да биде вашето присуство. Затоа живеев толку долго во фабриката - за да можат оние што работат зад фабричката линија да ме видат како работам веднаш до нив. Да не го направев тоа, „Тесла“ одамна ќе банкротираше – пишува Маск.
Во 2010 година, Марк Закерберг испратил мејл до вработените во „Фејсбук“, насловен „Доверливо - не споделувај со никој“.
- Многумина од вас го видоа написот во „Тек Кранч“ во кој се тврди дека ние правиме мобилни телефони. Ние не правиме мобилен телефон, како што детално објаснив во петокот. Фрустрирачки е и деструктивно што некој овде мисли дека е во ред да се каже ова на некој надвор од компанијата. Затоа, тој што ја сподели оваа информација, го молам веднаш да си поднесе оставка. Ако мислите дека некогаш е соодветно да споделувате внатрешни информации, треба да си заминете. Ако не се откажете, речиси сигурно ќе ве најдеме - напишал изнервираниот Закерберг.
Извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, преку мејл ги известил вработените дека компанијата прави промени што ќе резултираат со намалување на работната сила за 10.000 работни места до крајот на третиот квартал од фискалната 2023 година.
- Важно е да знаете дека елиминираме позиции на некои локации, додека ќе продолжиме да регрутираме на стратешки клучни локации - напишал Надела.
Тим Кук, извршниот директор на „Епл“, се соочи со истиот проблем што го мачеше Закерберг, бидејќи еден од вработените објавил интерни информации.
- Ве уверувам дека правиме сѐ што е во наша моќ да ги најдеме оние кои ја објавија информацијата во јавноста. Луѓето кои објавуваат доверливи информации не припаѓаат овде - напишал Кук во својот мејл до вработените.
На денот кога беше пуштен во продажба, корисник на „Ајфон 4“ испрати кратка порака до Стив Џобс на мејлот на неговата компанија.
- Навистина го сакам мојот нов „Ајфон 4“, но кога ќе ја ставам раката на мојот челичен барабан (музички инструмент) целосно ја губам врската. Ми се чини дека ова е чест проблем. Дали планирате да го поправите? - прашал корисникот.
Неочекувано, Џобс лично одговорил на оваа порака.
- Само избегнувај да го држиш телефонот на тој начин - му одговорил тој.
Извршниот директор на компанијата „Дизни“, Боб Ајгер, им се обратил на вработените преку мејл информирајќи ги дека има реорганизација на ресурсите на компанијата.
- Во моментов е во тек реорганизација на компанијата, вклучително и важни мерки за штедење неопходни за создавање поефикасен, координиран и подобар пристап кон нашиот бизнис - напишал тој додавајќи дека во текот на неделата компанијата ќе почне да ги известува вработените кои ќе бидат засегнати од намалувањето на работната сила во компанијата.
По завршувањето на пандемијата, извршниот директор на „Амазон“, Енди Џеси, во своето обраќање до вработените истакнал дека времето за несогласување и посветеност поминало и издал строги упатства.
- Разбирам ако не можете да го направите тоа, но во тој случај „Амазон“ не е местото за вас затоа што се враќаме во канцеларија најмалку три дена во неделата и не е во ред сите наши членови на тимот да бидат во канцеларијата три денови во неделата додека другите одбиваат да го направат тоа - напишал тој.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото:
Twitter