X
 13.12.2018 Живот

Во Јапонија милиони домови се напуштени - сопствениците ги даваат бесплатно

Цените на куќите во Јапонија можеби се зголемија, но земјата сѐ уште има повеќе од 8 милиони ненаселени имоти - толку многу што сопствениците почнаа да ги даваат бесплатно.

Во некои случаи локалните власти дури и нудат субвенции за луѓето што би сакале да ги уништат домовите и да изградат нови.

Иако голем дел од имотите не се наоѓаат на пазарот, тие се појавуваат во онлајн-базата на податоци наречена „акија банкс“, што во превод на јапонски значи „празен дом“. Додека некои од овие имоти се дадени, други се продаваат за многу ниски цени, на пр., 4 долари.

Оние што живеат надвор од Јапонија можат да купат имот без виза за престој, иако е полесно ако сте работеле во земјата.

dom
Фото: Getty Images


Голем дел од домовите се во лоша состојба - производ на лошите градежни методи што се користеле за време на повоениот станбен бум во 60-тите. Овие префабрикувани структури имаат животен век од 20 до 30 години. Голем број од нив се изградени на удолништа, со што се структурно несигурни.

Но, постојат поголеми причини зошто никој не е заинтересиран за купување имот - јапонското население се намалува, а истражувачите предвидуваат загуба од околу 16 милиони граѓани за  повеќе од две децении. Нејзините жители исто така стануваат постари, што значи дека е сѐ помал бројот на млади луѓе што се обидуваат да купат имот - особено во приградските или руралните средини.

Овој феномен се пренел и во урбаните средини. Еден од десет стана во Токио сега е празен. Иако постои побарувачка за имот во градовите, пазарот на недвижности во Јапонија всушност го поттикнува уривањето на зградите. Даноците на имот се шестпати повисоки на земјиште со физичка структура наспроти празен простор.

Додека овој проблем може да се реши со владини стимулации, менувањето на начинот на размислување на локалните купувачи е тешка задача.

Во Јапонија честопати се смета за лоша среќа да се купи куќа во која се случило убиство, самоубиство или „осамена смрт“ (онаа што се случила во изолација). Многумина би сакале да ги напуштат овие стигматизирани имоти отколку да инвестираат.

Неколку агенти ги отфрлија суеверијата со извршување ритуали и инкорпорирање на фенг шуи во нивното реновирање. Но, за многу сопственици, домовите едноставно не се вредни за инвестирање.

Одреден период постоеше можност новиот закон за споделување на домовите да му дозволи на „Ејрбнб“ и други слични услуги да ги преземат имотите. Но, кога законот пристигна во јуни, наметна силни ограничувања, како што е ограничувањето на периодот за изнајмување на 180 дена. Оттогаш, „Ејрбнб“ побегна од пазарот.

Во меѓувреме, купувачите на јапонски домови продолжија да им даваат приоритет на новите домови, а милиони стари домови останаа празни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот