X
 11.09.2021 Живот

Се призејмуваат ракетите бидејќи целиот кислород се користи за пациенти заболени од ковид-19

Руската вселенска агенција „Роскосмос“ го одложи тестирањето на своите ракетни мотори бидејќи речиси целиот течен кислород што го произведува наместо за ракетите, во моментов се користи во болниците за ковид-пациенти. Слична е ситуацијата и во САД, каде што побарувачката за течен кислород предизвика одложување на лансирањето на сателитите за надзор на Земјата на НАСА.

Така, и американската вселенска агенција го пренасочи буквално целиот кислород кон болниците со пациенти со ковид-19. Дури и приватните компании, како што е „Спејс екс“, не останаа имуни на проблемот со недостиг на течен кислород, кој се користи како оксидирачки агенс при испраќање ракети во вселената.

- Болниците повторно се полни со ковид-пациенти, па расте побарувачката за течен кислород. Планиравме да го лансираме сателитот „Ландсат 9“ кон крајот на август, кој требаше да прави целосна геотермална слика на површината на нашата планета на секои осум дена, која потоа би можела да ја користат научниците низ целата земја во стотици различни студии. Сепак, тој кислород беше искористен за да се спасат животите на стотици луѓе, така што одлуката што е правилно да се направи, да се одложи лансирањето или да се спасат животи, воопшто не беше тешко - изјави Џеф Масек, еден од инженерите и водечките луѓе на НАСА, задолжен за лансирање на „Ландсат 9“. За да се добие течен кислород од обичен компресиран кислород, прво мора да се излади до температура од -183 Целзиусови степени. Таквиот течен кислород потоа се складира во специјални преносни комори кои потоа се пренесуваат во ракетата неколку часа пред да полета.

ковид
Фото: Freepik

- Кога ќе запалите оган на земја, тој се храни со кислородот што го зема од воздухот и на тој начин продолжува да гори. Во вселената нема доволно кислород за таква реакција, затоа мора да има складиран кислород во ракетите. Токму количината на кислород потребна за таква реакција нѐ ограничува кога станува збор за подолги патувања во вселената, бидејќи вселенското летало нема толку простор за да се складира - објасни инженер на НАСА.

За едно лансирање на вселенско летало на НАСА, потребни се вкупно околу 950.000 литри течен кислород и уште 3.000 литри кислород со висока, речиси стопроцентна чистота.

-  Недостигот на кислород во моментов ни предизвикува големи проблеми, но сѐ уште не е ограничувачки фактор поради кој планираме да суспендираме сѐ. Се надеваме дека ќе направиме уште 26 лансирања до крајот на годината - неодамна на „Твитер“ објави основачот на „Спејс екс“, Илон Маск. Истиот ден Гвин Шортвел, портпаролка на „Спејс екс“, рече дека ќе се погрижи болниците да го добијат целиот кислород што им е потребен, но во исто време испрати порака до сите оние што имаат резерви на течен кислород да ја контактираат, бидејќи тие се подготвени да го купат.

На повидок е решение за ситуацијата

За оние што се прашуваат дали оваа ситуација ќе трае сѐ додека трае ковид-кризата, одговорот е негативен, барем според Свен Билен, професор по аеронаутика на Универзитетот „Пен Стејт“.

- Кога изби пандемијата, повеќето луѓе се префрлија на работа од дома и тогаш се пишуваше за тој познат недостиг на тоалетна хартија. Во тоа време побарувачката за индустриска тоалетна хартија значително се намали, а побарувачката за оваа хартија за домаќинство се зголеми. Во некои земји, навистина, имаше недостиг краток период, но производителите брзо почнаа да произведуваат помалку за едната, а повеќе за другата индустрија. Истото сега ќе се случи и со кислородот, на компаниите им требаат само неколку месеци да се приспособат - смета Билен.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот