X
 11.10.2021 Живот

Невропсихолог советува како полесно да заспиете ако се разбудите среде ноќ

Кoга ви недостасува сон не постои ништо пофрустрирачко од будењето пред да се вклучи будилникот.

За да не сте под стрес поради будењето среде ноќ, невроспихологот д-р Санам Хафиз советува како да создадеме подобри навики за спиење и како можеме побрзо да заспиеме откако ќе се разбудиме.

Зошто се будите рано?

Кога сте под стрес за работата, семејството или одредени животни настани, најверојатно ќе се разбудите пред да ви заѕвони алармот наутро. Хафиз вели дека тоа е затоа што вашите хормони за стрес се на високо ниво. На спротивниот крај на емотивниот спектар, ако сте среќни и возбудени за нешто што треба да го направите следниот ден или се чувствувате мотивирани да станете, тогаш постои исто толку голема веројатност да се разбудите рано.

Еден посебен протеин игра улога во раното будење.

- Еден час пред да се разбудите се зголемува протеинот наречен период, кој е централен играч на нашиот биолошки часовник. Овој протеин му сигнализира на вашето тело дека е време да се разбудите, а вашиот сон станува полесен, поради што се будите пред да ѕвони вашиот аларм - вели Хафиз.

Како повторно да заспиете?

Ако се разбудите во 3 часот наутро, најдоброто нешто што можете да го направите за повторно да заспиете е да се фокусирате на дишењето. Хафиз препорачува едноставен пристап: дишете низ носот, издишете преку устата. Кога вашиот ум ќе заталка, нежно вратете го фокусот назад.

По неколку минути, ако ова не ви помогне да заспиете, тогаш обидете се да пишувате дневник за стресот или чувствата што ве држат будни. Но, исто така, важно е да ја контролирате фрустрацијата поради будноста, бидејќи треба да бидете што е можно посмирени за да заспиете.

- Пишувањето за вашите грижи може да ви помогне да заспиете полесно ако се будите поради одреден стрес. Вклучете слаба светлина и запишете го она што ве загрижува. Со пишувањето ќе се чувствувате како да го празните мозокот. Исто така, може да се чувствувате помалку напнати, а тоа ќе ви помогне да заспиете - вели тој.

3 работи што треба да ги избегнувате за повторно да заспиете

Ако сакате да заспиете полесно, тогаш треба да избегнете три работи: скролање на телефон, работа и гледање телевизија.

Не седете на телефон

Многу луѓе седат на телефон пред да заспијат и го имаат до себе во текот на ноќта бидејќи им служи и како аларм наутро. Искушението да го земете телефонот среде ноќ може да биде огромно, но Хафиз предупредува дека екранот може да го отежне презаспивањето.

будење
Фото: Freepik

Исклучете ги сите светла

Светлата му сигнализираат на вашето тело дека е утро и е време за будење.

- Вклучувањето на светлата може да го отежне заспивањето бидејќи светлата стимулират будност и влијаат врз производството на мелатонин - вели Хафиз.

Подалеку од фрижидерот

Кога ќе се разбудите среде ноќ, не одете во кујната. Јадењето може да му испрати погрешна порака на вашето тело.

Како да спиете подобро?

Прво и основно, управувајте со стресот и вознемиреноста, вели Хафиз. Иако никој од нас не е имун на стресните фактори во нашите животи, можеме да се обидеме да се опуштиме пред спиење. Неколку активности што треба да ги пробате се читање, медитирање, пишување дневник и слушање смирувачка музика.

Второ, поминете некое време за да воспоставите рутина за спиење за себе. Ако можете да заспиете и да се будите во слично време секој ден, ќе бидете на вистинскиот пат. Хафиз вели дека е важен бројот на непрекинати часови сон.

- Ако одите во кревет секој ден во исто време, ќе го зајакнете циклусот спиење-будење на вашето тело и најверојатно ќе се будите по седум или осум часа спиење во слично време секој ден. Важно е да се напомене дека на повеќето возрасни потребни им се помеѓу седум и девет часа спиење ноќе, па затоа е во ред да се разбудите пред будилникот, сѐ додека спиете доволно - вели докторката.

Трето, потрудете се да не пиете ништо алкохолно или кофеин подоцна во текот на денот, што може да потрае неколку часа за да се метаболизира од вашиот систем.

И на крај, вежбајте. Но, не дозволувајте вежбањето да биде последното нешто што го правите навечер за да ја одржите мирната рутина пред спиење.

- Вежбањето го подобрува сонот за многу луѓе и исто така помага да се намали времето потребно за да заспиете. Затоа, треба да се обидете да ја вклучите физичката активност во вашата дневна рутина. Сепак, избегнувајте напорна активност најмалку еден час пред спиење - советува докторката.

Извор: The Ladders
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот