X
 29.12.2020 Колумни

Колумна: Проблемите и вредностите на генерацијата Зет

Една од најинтересните карактеристики поврзани со ЏенЗи лицата е тоа дека ние не знаеме да замолчиме, и ние гласно и јасно пред кого било би зборувале за сите проблеми поврзани со некоја појава или ситуација

Пишува: Игор Стојков, волонтер во Младински сојуз – Крушево

Генерација Z, или генерација Зет (во понатамошниот текст ЏенЗи) ги опфаќа сите лица што се родиле од 1997 година, па сè до 2012 година. Постојат многу интересни стереотипи поврзани со ЏенЗи лицата, почнувајќи од тоа дека ние сме зависни од технологија, имаме краток опсег на обрнување внимание, можеме да се насмееме на секоја шега или случка, и едноставно не се снаоѓаме во сиот конфузен живот на постарите. Една од најинтересните карактеристики поврзани со ЏенЗи лицата е тоа дека ние не знаеме да замолчиме, и ние гласно и јасно пред кого било би зборувале за сите проблеми поврзани со некоја појава или ситуација. ЏенЗи лицата ја покажаа својата сила во претходните претседателски избори во САД, каде што обезбедија една голема Тик-Ток платформа и започнаа масовно да се пријавуваат за да учествуваат на политичките митинзи на претседателот Трамп, со цел да го саботираат и да ги резервираат сите билети, а подоцна да не отидат на настанот. ЏенЗи младите со тоа успеаја да го спречат ширењето на Ковид-19 со тоа што лицата кои всушност посакуваа да присуствуваат на настаните организирани од претседателот Трамп не успееја, затоа што сите билети беа нарачани од изреволтирани ЏенЗи тинејџери кои ги сметаат настаните, но и политиките на Трамп, како тотално погрешни и опасни, особено во ова време на пандемија. Но, важно е да се напоменеме дека ЏенЗи лицата имаат и доживуваат различни проблеми и вредности во зависност од тоа каде живеат.

ЏенЗи лицата во Северна Македонија се наоѓаат пред многу проблеми. Најголемиот проблем мислам дека лежи во огромната разлика помеѓу вредностите и начинот на живот на нашите родители, односно ГенИкс генерацијата, или можеби и милениумците. За многу од нас, вистински борци за ЏенЗи културата, прифаќање на лицата кои се со поинаква родова, сексуална, етничка или каква било идентификација претставува норматив, а тоа е нешто што нашите родители не успеале да го прифатат земајќи го предвид времето и периодот во кој тие израснале и живееле, што секако, во никој случај не им дава за право да продолжат да нормализираат општество на неприфаќање и појави што не треба да се појават во овој современ век. Оваа појава, според мене, придонесува за појавувањето на многу ментални болести кај ЏенЗи лицата, затоа што токму поради овој проблем, настануваат многу несогласувања на релацијата родител-дете. Исто така, образовниот систем во нашата земја не е приспособен за да одговори на потребите на ЏенЗи лицата. Речиси консензуално е мислењето дека нашиот образовен систем е застарен и му се потребни суштински подобрувања. Со самото застарување на системот, тој не ги подготвува младите да одговорат на потребите на новиот пазар на труд, или пак да се вклучат во тој нов пазар на труд. Не само тоа, туку и самиот образовен систем, и сметам дека безбедно е да се каже, е опасен за младите. Образовниот систем не ги образова младите речиси ништо поврзано со новите светски трендови, ниту пак опфаќа теми поврзани со сеопфатното сексуално образование и здравје. Но, покрај сите негативности, сметам дека ЏенЗи младите успеваат да размислуваат критички и се спремни да ги решаваат проблемите оставени на нас.

Кога се зборува за проблемите оставени на нас, се зборува за тоа како бејби-бумерите, ГенИкс и милениумците комплетно подлегнаа на конформизмот, и секако, материјализмот и консумеризмот! Светот во кој се наоѓаме е комплетно неодржлив, и проблемите што ги предизвикаа претходните генерации веќе ќе почнат да ги покажуваат резултатите. Пандемијата на Ковид-19, како и речиси сите други светски пандемии, е високо поврзана со неетичката консумпција на животински производи (читај климатски промени). И да, сметам дека ЏенЗи треба да бидат лути, но и бесни, за тоа во каква ситуација сме сите ние, но и нашата планета, доведени. ЏенЗи лицата се најмалку виновни за сите овие проблеми поврзани со климатски промени, но за жал (или за среќа!) ние ќе бидеме тие што во иднина ќе застанат цврсто и ќе одговорат на сите тие проблеми. ЏенЗи ќе биде повеќе од спремна, и среќна, да ги реши сите овие проблеми, и да продолжиме да живееме во една одржлива и прифатлива средина!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни