X
 08.09.2020 Наша тема

Парче од историјата: Што порачаа МАНУ, УКИМ и УКЛО три дена пред референдумот во 1991

Со определувањето за Македонија како самостојна и суверена држава во целост се остваруваат историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и сопствена држава

„Референдумската одлука ќе претставува уште еден одговор на историските неправди и на сите стари и нови аспирации спрема Македонија и македонскиот народ, како и на обидите за негација на самобитноста на македонскиот народ, на неговата историја и култура“. Оваа реченица е дел од обраќањето на Македонската академија на науките и уметностите и на двата универзитета во земјава, објавено на 5 септември 1991 година. Три дена пред најзначајниот ден за македонскиот народ во поновата историја највисоките научни и образовни институции во земјава ја повикуваат сета интелигенција и сиот народ да излезат на референдумот и да го дадат својот глас за независна и суверена држава.


МАНУ / Фото: Архива на МАНУ

Денеска Македонија го одбележува 8 Септември – Денот на независноста. Сега Република Македонија има уште една придавка во името, сѐ уште Македонската академија на науките и уметностите е единствена највисока научна установа, имаме четири државни универзитети повеќе и околу 10 приватни високообразовни институции.

Се навраќаме наназад, кога МАНУ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола им се обратија на сите што живеат во оваа земја.


УКИМ

Во обраќањето, меѓу другото, пишува:

„Поттикнати од историската одговорност на науката и културата за иднината на Република Македонија и поучени од искуствата што ни ги нуди минатото, Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот во Битола ги повикуваат сета македонска интелигенција и сите граѓани на Републиката да излезат на Референдумот на 8 септември 1991 година и да го дадат својот глас за самостојна и суверена Република Македонија, со право да стапи во сојуз на суверени држави на Југославија.

Изјаснувањето на граѓаните на Република Македонија на Референдумот на 8 септември 1991 година претставува настан од историско значење за судбината на македонскиот народ, припадниците на албанската, турската и на другите националности што живеат заедно со него, како и за сите Македонци надвор од границите на Република Македонија. Со определувањето за Македонија како самостојна и суверена држава во целост се остваруваат историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и сопствена држава, изразувани во национално-ослободителните востанија и, посебно, во Кресненското и Илинденското востание со Крушевската Република и, во исто време, се потврдува и доградува самостојноста и сувереноста на македонската држава, чии темели се поставени во антифашистичката Народноослободителна борба во текот на Втората светска војна и чие создавање е прокламирано на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година.


УКЛО

Со поддршката на Референдумот се обезбедува цврста основа за доследен демократски развиток на Република Македонија и за целосна рамноправност на сите нејзини граѓани без оглед на нивната национална припадност, политичко убедување и верска определеност. Со неа се отвораат нови перспективи за натамошен побрз економски и културен напредок на Републиката врз основа на сопствените материјални избори и творечки труд и се осигуруваат можности за постојано подобрување на општите животни услови и благосостојбата на сите граѓани на Македонија.

Архивска фотографија / Извор: Влада

Референдумот треба да го манифестира моралното и духовното единство и политичката волја на македонскиот народ и на припадниците на другите националности што живеат во Македонија и нивната определеност за трајно сожителство врз демократски и рамноправни основи. Позитивното изјаснување на Референдумот треба да биде силен израз на цврстата определеност за судбината на Македонија да решаваат само македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија... Референдумската одлука ќе претставува уште еден одговор на историските неправди и на сите стари и нови аспирации спрема Македонија и македонскиот народ, како и на обидите за негација на самобитноста на македонскиот народ, на неговата историја и култура“.

Целото обраќање можете да го прочитате ТУКА.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема