Од Карл Сејган до Стивен Хокинг и Нил де Грас Тајсон, луѓето често им се обраќаат на големите умови на науката за подобро да го разберат универзумот. Затоа е разбирливо што јавноста е љубопитна за нивните ставови за религијата.
Стивен Хокинг одамна го изнел својот став за религијата. Во 2014 година изјавил: „Јас сум атеист“. Но Карл Сејган и Нил де Грас Тајсон отсекогаш беа повоздржани кога станува збор за ова прашање.
- Зошто едноставно не почекате да видите дали постојат докази? - праша Сејган, додека Тајсон изјави дека постоењето на Бог е научна хипотеза, како и секоја друга.
Но, што мислел за религијата Алберт Ајнштајн? И покрај неговите најпознати цитати за религијата, неговите ставови за Бог биле изненадувачки сложени.
„Науката без религија е еднолична, религијата без наука е слепа“.
Од овој цитат може да се заклучи дека Ајнштајн верувал.
- Со оглед на хармонијата во вселената што можам да ја препознаам со мојот ограничен човечки ум, има луѓе што велат дека не постои Бог. Но она што ме лути е што ме цитираат кога ги истакнуваат ваквите свои гледишта. Сакам да знам како Бог го создал светот. Не сум заинтересиран за овој или оној феномен, за спектарот на овој или оној елемент. Сакам да ги знам неговите мисли. Другото се детали - изјавил Ајнштај.
Сепак, за секоја негова изјава што ја поддржува религијата може да се најде друга во која покажува дека е атеист. Во своите „Автобиографски белешки“, напишани кога имал 67 години, тој се присетува на детството. Кога бил момче, неговите родители примиле во домот ортодоксен еврејски студент по медицина. Тој го учел Ајнштајн за принципите на јудаизмот и му ја дал неговата прва научна книга.
Иако неговите родители биле атеисти, Ајнштајн напишал: - Дојдов до длабока религиозност, која, сепак, ненадејно заврши на 12-годишна возраст. Преку читањето популарни научни книги, наскоро станав убеден дека многу приказни од Библијата не можат да бидат вистинити. Зборот Бог за мене не е ништо повеќе од израз и производ на човечката слабост. Библијата е збирка од чесни, но примитивни легенди кои се прилично детски. Тоа никогаш нема да се промени за мене - напишал тој во јануари 1954 година, само една година пред неговата смрт.
Неговиот познат цитат за науката и религијата потекнува од статија што ја напишал за симпозиум за наука, филозофија и религија во 1941 година.
Во таа статија тој многу јасно ги објаснува своите ставови. Науката и религијата не се спротивставени, бидејќи се занимаваат со различни прашања: науката може да утврди што е, но не и што треба да биде, додека религијата се занимава со проценување на човечката мисла и дејствување.
Сепак, науката и религијата зависат една од друга. Научниот метод ѝ помага на религијата да ги достигне своите цели, додека науката може да биде создадена само од луѓе што се длабоко посветени на стремежот кон вистината и разбирањето. Според Ајнштајн, токму тука лежат корените на религијата.
Експертите појаснуваат дека кога Ајнштајн се осврнувал на Бог во своите дела, тој повеќе го користел концептот како метафора отколку како израз на вера.
- Кога Ајнштајн зборувал за Бог, тој сметал дека универзумот е управуван од апсолутни и постојани закони“, вели физичарот Ханс С. Оханијан.
Кога Ајнштајн велел нешта како: „Кога ја оценувам теоријата, се прашувам себеси: ако јас бев Бог, дали на овој начин би го уредил универзумот?“, тој не сугерирал дека вселената е создадена од семоќно битие. Наместо тоа, се обидувал научните теории да ги вклопи во своето разбирање за тоа како универзумот веќе функционира.
Можете да го наречете деист или можеби агностик, како Сејган. Но тој не бил ниту класичен верник ниту отворено деклариран атеист.
Сепак, тоа не значи дека немал духовен пристап кон светот.
- Колку повеќе напредува духовната еволуција на човештвото, толку повеќе ми се чини дека патот кон вистинската религиозност не лежи низ стравот од животот, стравот од смртта и слепата вера, туку преку стремежот кон рационално знаење - изјавил Ајнштајн.
За Ајнштајн, единствениот пат кон она што тој го сметал за Бог бил преку длабоко разбирање на универзумот.
Извор:
Heritage.com
Фото:
Wikipedia