X
 11.12.2018 Живот

Најстариот семафор наполни 150 години

Првиот семафор во светот, кој се наоѓа во Лондон, наполни 150 години. И покрај тоа што семафорот денес се зема здраво за готово, пред 150 години сите главни сообраќајни правци и крстосници биле регулирани од полицајци, за сето тоа да се измени во 1868 година кога првиот семафор бил поставен во Лондон, пред Вестминстерската палата.

Поради повеќе од 1.000 загинати на лондонските улици на почетокот на втората половина од 19 век, надлежните морале нешто да сторат за да ги доведат во ред сообраќајниците во главниот град, а железничкиот инженер Џон Пик Најт го знаел решението.

Со оглед на професијата на пронаоѓачот, не е изненадувачки тоа што првиот семафор потсетувал на железничка сигнализација, а исто така имал и подвижни раце, кои рачно ги контролирал полицаец.

За ноќниот режим тука биле црвените и зелените гасни ламби.

- Директната контрола на движењето, „застани, тргни“, не му се допаднала многу на викторијанското либерално општество - вели Дејвид Руни од Универзитетот во Лондон.

Сепак, „кариерата“ на првиот семафор била кратка, а по само еден месец работа гасот што го испуштал предизвикал серија експлозии во кои еден полицаец сериозно бил повреден.

Фото: МИА

Оттогаш, Лондон чекал повеќе од половина век за електрични семафори, кои во средината на 20-тите години дојдоа од САД и почнаа да се инсталираат на многу патишта во градот.

Модерните електрични семафори се американски изум, а првиот, со црвени и зелени светла, бил поставен во 1912 година во Солт Лејк Сити.

Него го осмисли полицаецот Лестер Вејер, а во истиот град, пет години подоцна, почнал да функционира првиот мрежен систем на семафори, управуван од едно место, кој регулирал сообраќај на шест крстосници.

Автоматската контрола на вмрежените крстосници била воведена во март 1922 година во Хјустон, Тексас.

Првиот семафор што го регулира сообраќајот во сите четири насоки на раскрсница, и со три бои, бил направен во Детроит во 1920 година.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот