X
 11.12.2019 Образование

Инспекторот Илиевски ќе поднесе кривична за Инспекцискиот совет

Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски најави кривична пријава за злоупотреба на службената должност за одговорните лица во Инспекцискиот совет бидејќи не поведуваат дисциплинска постапка против главниот просветен инспектор Африм Саљиу. Илиевски изјави дека иако Државната комисија за спречување на корупцијата потврдила дека има судир на интереси при вршењето на вонредниот инспекциски надзор од страна на Саљиу, бидејќи неговата ќерка е вработена на Тетовскиот универзитет, Советот не ја почитува одлуката на антикорупционерите.

- Инспекцискиот совет, кој е формиран од Владата, работи контра Антикорупциската комисија во однос на донесената одлука за поведување дисциплинска постапка против главниот просветен инспектор Африм Саљиу. Тоа е незаконито, несовесно и непрофесионално работење на претседателката на Советот, Магдалена Филиповска-Грашковска, и на членот во Советот од областа образование, наука и култура, Ќерамедин Селими - рече Илиевски.


Илиевски даде изјава пред Инспекцискиот совет

Илиевски денеска изјави дека ваквиот чин е дискриминаторски бидејќи за вакви и слични постапки на инспектори им се одземаат лиценци и се поведуваат дисциплински постапки.
- Наместо да се поведат постапки, истиот инспектор е награден од страна на директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, со овластување, покрај раководител на сектор за инспекциски надзор, и за раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научни институти и студентски домови – изјави Илиевски.
Инаку, просветниот инспектор Саљиу на 6 јуни 2019 година заедно со двајца инспектори извршил вонреден инспекциски надзор на Тетовскиот универзитет, при што утврдил дека нема законски пропусти во однос на унапредувањата на тројцата функционери – министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот во МВР, Агим Нухиу, и директорот на Заводот за индустриска сопственост Сафет Емрули. Овој надзор е спротивен за разлика од оној на Илиевски кога донесе решенија за укинување на звањата бидејќи ги стекнале незаконски, кога им мирувале работните места.

Антикорупциската комисија побарала од Инспекцискиот совет дисциплинска постапка зашто констатирала судир на интереси кај Саљиу, кој согласно Законот за спречување корупција и Етичкиот кодекс за работа на инспекторите, требало да биде изземен од инспекцискиот надзор на ДУТ затоа што неговата ќерка е вработена како асистент на Правниот факултет на тој универзитет.

- Од јули до ден-денес нема никаква постапка за Саљиу, затоа ќе бидам принуден да покренам и кривична пријава за злоупотреба од овие главни личности во Советот - рече Илиевски и нагласи дека повеќе нема доверба во домашните институции, па ќе ги информира меѓународните и амбасадите во Македонија.
Подготвил: М.А.М

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование