Доставив целокупна документација до Народен правобранител, од каде што побарав нивен претставник да биде присутен за време на комисијата. Истото ќе го побарам и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Вчера доставив барање и до Државната комисија за спречување корупција да бидам заштитен, вели Илиевски
Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски на 19 јули треба да се појави пред дисциплинска комисија во Државниот просветен инспекторат (ДПИ). Дисциплинската постапка е закажана откако тој обзнани сомнение за незаконско
унапредување на јавни функционери во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово (Арбер Адеми,
Агим Нухиу, Сафет Емрули). Постапката е покрената од Африм Саљиу, раководител на секторот за високо образование, а дисциплинската постапка за утврдување дисциплинска одговорност е испратена со потпис на директорот на ДПИ, Томе Спировски.
Илиевски: Барам заштита од институциите
Ова се причините за покренувањето на дисциплинската постапка против Илиевски: нецелосно утврдена фактичка состојба при извршен инспекциски надзор во Универзитетот во Тетово; неовластено давање информации во јавноста од негова страна со изнесување состојби во однос на инспекциски постапки вршени од страна на ДПИ кои се во тек, односно немаат правосилност и конечност; прекршување на наредбата од директорот на ДПИ, која гласи: „Секоја информација што се однесува на работењето на ДПИ, а во врска со извршените инспекциски надзори, да не се изнесува надвор од институцијата, без претходно добиена согласност од директорот на ДПИ“.
Инспекторот за Факултети.мк објаснува дека веќе бил кај Народен правобранител, од каде што побарал нивен претставник да биде присутен за време на разгледувањето на неговиот случај на 19 јули.
- Доставив целокупна документација до Народен правобранител, од каде што побарав нивен претставник да биде присутен за време на комисијата. Истото ќе го побарам и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Вчера доставив барање и до Државната комисија за спречување корупција да бидам заштитен. Јавноста треба да знае како се води случајот, зашто станува збор за јавни функционери. Наредбата на која се повикува директорот на ДПИ, Томе Спировски, беше донесена лани откако бевме нападнати на факултет во Струга и кога ги известивме медиумите. Кога ги добив сознанијата за функционерите и во присуство на повеќе инспектори, се изјаснив. Ќе побарам од нив да сведочат пред комисијата. Ако јас не ги изнесев сознанијата до кои дојдов при инспекцискиот надзор во Тетово, ќе бев соучесник во криминално дело. Ме штити и Законот за укажувачи - објаснува Илиевски.
Томе Спировски: Не смее да се изнесуваат факти за предмети во развојна фаза
Директорот на ДПИ, Томе Спировски, објасни дека дисциплинската комисија ќе ги согледа фактите и доколку се утврди дека Илиевски ги пречекорил законските овластувања, ќе биде санкциониран.
- Дисциплинската постапка се однесува на неговото излегување во медиуми каде што изнесува факти за предмети кои се во развојна фаза и не се реализирани. Ние чекаме епилог од институциите на системот. Но, да се излезе во јавност и да клевети, а може сѐ ќе заврши со целосно ослободителна пресуда за тројцата функционери, тоа е злоупотреба. Ниту, пак, тој е обврзан да го прави тоа. Ако излезе дека е во право, ќе добие поддршка. Јас не се осмелувам да зборувам за предмети што се во почетна или во развојна фаза на решавање – вели Спировски.
Ѓорѓи Илиевски
Тој објаснува дека записот на Илиевски е важечки, како и записот од вонредниот инспекциски надзор кој бил направен по барање на посочените функционери.
- Ако некој побара од нас, правиме дополнителен надзор и тоа од лица што се споменати во медиумите. Второстепените органи ќе покажат кој е право во извештаите. Доколку решенијата и при двата надзора се покажат дека се донесени надвор од овластувањата, ќе бидат поништени. Да им оставиме на институциите да си го решаваат ова. Вработен во ДПИ не може да мавта со хартии додека трае процес. Во име на ДПИ тој не може да зборува за случај. Како физичко лице може да прави што сака. ДПИ е угледна институција. Сте слушнале ли некој друг инспектор да излегол со такви податоци? Некого да осудуваш и обвинуваш дека е виновен. Инспекторот секогаш може да покрене постапка. Ние со Ѓорѓи сме колеги цел век, јас немам лични проблеми со него, ја претставувам институцијата. Треба да докаже дека сум му се заканувал. Министерот за образование Арбер Адеми, со кого комуницирам по службена должност, вели дека институциите треба да си ја завршат работата. Така и треба да биде - вели Спировски.
Факултети.мк се обрати до Антикорупциска со цел да дознаеме до каде е процесот. Оттаму ни рекоа дека „постапката по предметот сѐ уште е во тек“.
- Во Државната комисија за спречување на корупцијата е оформен предмет врз основа на добиена пријава доставена од Ѓорѓи Илиевски, вработен на работно место виш просветен инспектор во Државниот просветен инспекторат на РСМ, со наводи за незаконско унапредување на јавни функционери во наставно-научни звања на Државниот универзитет во Тетово. Врз основа на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (,,Службен весник на Република Македонија“, број 12/2019), Државната комисија за спречување на корупцијата отпочна постапка по овој предмет и заради утврдување на фактичката состојба по истиот почнато е постапување за прибирање информации и документација за конкретниот предмет.