Во исто време и комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен се прогласи за ненадлежна да донесе одлука по неговата жалба за деградирањето на работното место
Државната комисија за спречување корупција
ја отфрли пријавата на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски во делот за наводното незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата државни функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули, прогласувајќи се за ненадлежна.
Во исто време и комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен се прогласи за ненадлежна да донесе одлука по неговата жалба за
деградирањето на работното место.
Ќе се проверуваат нејасните членови во Законот за високо образование
Но, антикорупционерите сепак ќе отворат нова постапка, односно ќе проверуваат дали има судир на интереси по однос на одредени одредби во Законот за високото образование бидејќи не се доволно прецизни и овозможуваат различно толкување, а утврдиле и дека има судир на интереси при вршењето на вонредниот инспекциски надзор.
Илиевски е незадоволен од одлуката на Антикорупциска и вели дека постапките ќе ги продолжи на суд.
- Оваа институција има задача да оцени дали има судир на интереси. Овие функционери биле унапредени во наставно-научни звања иако работните места им биле во мирување. Тие добивале и хонорари - вели Илиевски.
Во одлуката на Антикорупциска пишува дека тие немаат надлежност да покренат постапка за поништување, ниту пак да потврдуваат избор во наставно-научни звања бидејќи надлежен орган за оцена на законитоста и исполнетоста на условите е Државниот просветен инспекторат.
Антикорупционерите по сопствена иницијатива отвораат предмет, односно ќе испитуваат дали има судир на интереси по однос на одредени одредби од Законот за високо образование, што се однесува на можноста за вршење високообразовна дејност и настава од прв и втор циклус на студии за време на мирување (член 174 став 9), како и рокот за избор во звања (член 176 став 3), кои се недоволно прецизни и нејасни и овозможуваат нивно различно толкување.
Во делот на наводите за злоупотреба на парични средства, односно реализирани исплати на надоместоци на јавни функционери во својство на ангажирани лица на тетовскиот универзитет, по основа хонорари за извршување интелектуални услуги-вршење настава, антикорупционерите ги доставиле на друг надлежен орган бидејќи таму веќе е започната постапка за истиот предмет.
„ДКСК, по оваа основа донесе заклучок за прекин (мирување) на постапката, поради тоа што по овие наводи од предметната пријава веќе постапува друга надлежна институција од која зависи исходот на постапувањето на ДКСК во овој дел од пријавата“, стои во одлуката на Антикорупциска.
Антикорупционерите, исто така, утврдиле дека постои состојба на судир на интереси кај едно од службените лица –државен просветен инспектор кој го извршил вонредниот инспекциски надзор на Тетовски во јуни оваа година и ќе продолжат со постапката.
Инспекторот Илиевски тврдеше дека вонредниот инспекциски надзор, чија одлука е спротивна на неговата, го извршил просветен инспектор чија ќерка е вработена на тетовскиот универзитет.
Кој е надлежен да го провери деградирањето на Илиевски
Инспекторот Ѓорѓи Илиевски, на кој во јули му беше изречена дисциплинска мерка, односно беше деградиран на пониско работно место, вели дека ниту една институција не се прогласува надлежна за неговиот случај.
Илиевски пред неколку дена добил допис и од комисијата на Агенцијата за администрација за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, која се прогласува за ненадлежна да донесе одлука по неговата жалба.
- Во решението пишува дека жалбата се отстапува на друг надлежен орган, односно предметот се препраќа во надлежност на Инспекциски совет на Република Северна Македонија. На крајот на Решението има правна поука која е нејасна: „Против решението незадоволниот кандидат (не барам вработување) може да поднесе тужба пред надлежен суд (не пишува кој суд, Основен суд 2 или Управен суд) во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием“. Решението е доставено до подносителот на приговорот (понесена е жалба, а не приговор), Првостепениот орган, Инспекцискиот совет на РСМ и Архивата на Агенцијата за администрација - објаснува Илиевски.
Решението од Агенцијата за администрација
Тој потоа се обратил до одговорните во Инспекцискиот совет.
- Од разговорот со одговорните добив чувство, односно „констатираат“ дека и Инспекцискиот совет на РСМ се прогласува за ненадлежен. Тогаш, кој орган е надлежен, каде да се жалам за мојата деградација - прашува Илиевски.
Инаку, при изрекувањето на дисциплинската мерка од страна на директорот на Просветниот инспекторат (првостепен орган) во решението се повикува на членови од Законот за административни службеници („Сл. весник на РМ“, бр.27/14, 199/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16 и 11/18), а во правната поука стои: „Против решението државниот службеник има право да изјави жалба до Агенцијата за администрација, во рок од 8 дена од денот на приемот на решението“.
- Бидејќи институцијата Агенција за администрација не е надлежна, исто така и Инспекцискиот совет, кој второстепен орган е надлежен или во земјава нема второстепеност, што е законска недопустивост - вели Илиевски.
Во решението што го добил инспекторот од Комисијата пишува дека согласно член 19-6 став (7) од посебниот Закон за инспекциски надзор, уредено е дека: „Инспекцискиот совет одлучува по поднесениот приговор на инспекторот во рок од 3 дена од денот на поднесувањето“.