X
 12.02.2024 Образование

Голем напредок на УКЛО на ранг-листата „Вебометрикс“

Како што соопштија од Ректоратот на УКЛО, на последното рангирање на ранг-листата „Вебометрикс“, објавена на 30 јануари 2024 година, УКЛО се искачи нови 1137 места на светско ново и е трето рангиран универзитет во Македонија. Имено, УКЛО е веќе во првите 20% рангирани универзитети во Европа, односно на 1114 место од вкупно 6008 европски универзитети и меѓу првите 12% рангирани универзитети во светот или на 3569 место од повеќе од 32018 рангирани високо образовни и научни институции во светот.

Разговаравме со ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, кој со големо задоволство истакнува дека во период помеѓу две рангирања УКЛО бележи исклучителен успех на единствените две ранг-листи кои се композитни, бесплатни и ги рангираат сите универзитети од Македонија.

УКЛО се издвојува како второ рангиран според „ЕДУранк“ ранг-листата која покрај научната ја вреднува и едукативната компонента на универзитетот и трето рангиран според „Вебометрикс“ каде што се вреднува исклучиво научната компонента со нагласок на научната извонредност, вели ректорот Неделковски. Ова е голем успех бидејќи во минатото УКЛО на овие ранг-листи беше седмо рангиран во Македонија, па петто рангиран, за веќе да сме 2/3-то рангиран универзитет во државата, додава ректорот.

Разговаравме и со проректорите на УКЛО. Проректорката Јасмина Буневска-Талевска верува дека резултатите од рангирањето се одговор на видливоста и присутноста на УКЛО во заедницата и секако отвореноста, а тоа е потврда и порака дека сме биле активни и проактивни, со јасни, јавни и транспарентни активности, со исклучително вмрежување со голем број институции и поединци од јавниот, стопанскиот, но и од граѓанскиот сектор. Најголемо задоволство за мене е истакнувањето и вклучувањето на студентите во сите нивоа на активности помеѓу УКЛО и пошироката заедница, вели проректорката. Затоа, како и ректорот Неделковски и проректорката Буневска-Талевска е посебно задоволна што според критериумот Impact на „Вебометрикс“, УКЛО е прворангиран и во државата. Овој критериум го мери влијанието на УКЛО во општеството преку реализирани активности и нивно објавување на интернет. Првиот ранг за УКЛО или највисоката оцена значи голем интернет-сообраќај, што покажува дека многубројните настани и активности кои ги реализиравме и промовиравме во јавноста во овој едногодишен период од нашиот мандат даваат резултати и оставаат голем импакт не само во заедницата, но и за поширокото опкружување, заклучува проректорката Буневска-Талевска.

укло

Проректорот Цветко Андреески е посебно посветен на методологијата која ја применува и континуирано ја подобрува УКЛО во насока на рангирањето. Врз основа на детална анализа, проректорот Андреески во април минатата 2023 година предложил регистрација на наставниот кадар на Google Scholar, поставување на линкови на веб-страниците на УКЛО и нивно преземање од други веб-страници, мерки за зголемување на интересот за објавување трудови во врвни научни списанија во дефинираните 27 научни области, стимулирање на работата на најдобрите истражувачи, посебно тие што објавуваат во врвни списанија, референцирање на сопствени претходни истражувања и индексирање на универзитетското научно списание на УКЛО „Хоризонти“. Проректорот Андреески истакнува дека за една година Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола забележа пораст од 1483 места, а во последните шест месеци за 1137 места. Тоа секако е резултат на посветеноста во подобрувањето на рангирањето, при што се презедоа неколку активности од кои би ги издвоил: информирањето на академскиот кадар на универзитетот за методологијата на рангирање и потребата од видливост на истражувањата, формирање на УКЛО мрежа за соработка со врвни истражувачи кои имаат долгогодишна соработка со наставниот кадар на УКЛО, подобрувањето на интернет-сообраќајот и квалитетот на веб-страниците на универзитетот и единиците и секако стимулирањето на академскиот кадар за објавување трудови во најдобрите научни списанија со доделување награди во неколку категории, додава проректорот Андреески и со задоволство констатира дека УКЛО продолжува со подобрување во смисла на сите индикатори.

Проректорот Горан Илиќ смета дека успехот на УКЛО најпрво се должи на јасната визија, заедничките активности и здружените заложби на ректорскиот менаџмент на чело со ректорот Неделковски. Покрај другите активности кои ги спроведува секторот за наука на УКЛО, тој посебно се осврнува на значењето на меѓународното научно списание „Хоризонти“ кое под негово водство доживеа целосно редизајнирање, како во техничка така и во содржинска смисла, целосно подготвено според највисоките стандарди на академско издаваштво, стандардите на Open Access иницијативата и политиките на COPE (Committee on Publication Ethics). Во моментот, уредувачкиот тим на „Хоризонти” на чело со проректорот Илиќ започнаа постапка за индексирање на списанието во респектабилни бази на податоци кои ќе треба со тек на време да овозможат зголемена видливост на списанието и привлекување на што поголем број трудови од странски автори. Инаку, редизајнирањето на „Хоризонти“ и неговото индексирање во академски бази на податоци, континуирано ќе ја зголемува и видливоста на УКЛО во меѓународни рамки. На таков начин, „Хоризонти” постепено ќе прерасне во „прозорец кон светот” на УКЛО, како сериозна платформа за артикулирање на академската дебата и директната соработка на УКЛО со други универзитети и високообразовани и научни институции низ светот. Според тоа, досегашната работа на списанието апсолутно предизвика соодветно влијание и врз подобрување на видливоста на УКЛО и валоризацијата на неговото место и улога во високообразовниот и научноистражувачки простор.
Секоја ранг-листа, особено „Вебометрикс“, за УКЛО е стимул за постојано и систематско подигнување на квалитетот во работењето, оценува и проректорот за финансии и развој Јове Димитрија Талевски, според кој, значителниот скок на УКЛО претставува и поттик и мотив за постигнување нови степени на интелектуална и академска зрелост.

2

- Неспорно е дека рангирањето на универзитетите станува мошне значаен сегмент од образовниот пејзаж не само на глобално, туку и на локално ниво, зашто тоа дава важни информации што влијаат врз формирањето на мислењето на тековните и идните студенти, родителите, работодавците и Владата за квалитетот на високото образование. Како проректор за финансии и развој, за мене е чест и задоволство што според последното рангирање на универзитетите, од 30 јануари 2024, на светски признатата ранг-листа, Вебометрикс, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола станува треторангиран македонски универзитет, што значи дека квалитетот на високообразовната и научна дејност на УКЛО се препознава и се вреднува. Овој голем успех, секако, го задолжува актуелното раководство на Универзитетот и понатаму посветено да работи на унапредување на високообразовната дејност и на стандардите за квалитет и, на тој начин, да придонесе за уште поголема видливост и препознатливост на УКЛО во регионот, но и во европски, па и во светски рамки. Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола работи и ќе продолжи интензивно да ги унапредува воспоставените високи стандарди сообразени на неговата специфична и хетерогена образовна понуда, стекната низ 45-годишната традиција, искуство и развојност - додава проректорот Талевски.

Имено, „Вебометрикс“ е светски призната ранг-листа на универзитети која ја развива и двапати годишно, во јануари и јуни, ја ажурира Сајберметрикс лабораторијата на шпанскиот национален истражувачки совет. Позицијата на универзитетите на „Вебометрикс“ зависи од обемот, квалитетот, достапноста и транспарентноста на содржините кои ги произведува и пласира универзитетот. Се мисли од високо цитирани веб-публикации, па до сите други содржини како што се различни известувања за активности, конференции, семинари, собири, средби, дигитални библиотеки и други публикации на универзитетот и неговите факултети, наставниот кадар и студентите.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование