На прашањето кој бил агресор, а кој жртва во војните во поранешна Југославија, студентите од цела Европа нема да добијат одговори со едно значење, покажува анализата направена на учебниците во Финска, Италија и Германија. Заедничкиот фокус е на последиците од национализмот.
Авторите на учебниците се воздржувале да го означат „агресорски“ било кој народ или систем во регионот, а поимот „татковинска војна“ воопшто не се споменува.
Примерите наведени во учебници од Финска, Италија и Германија, и објаснувањата на професорите по историја од тамошните средни училишта, покажуваат дека војните се споменуваат само во контекст на пошироките историски настани од тоа време.
„Југославија, под раководство на Тито, е претставена како успешна земја, додека војните на Балканот на учениците им се прикажани како дел од отцепувавњето после 90-тите години“, вели Сирка Ахонен, професорка од Универзитетот во Хелсинки, која учествувала во создавањето на програмата по историја.
Таа додала дека посебно внимание се посветува на национализмот, а се дискутира и за тоа како меѓународната заедница немала соодветен одговор за војните.
Слично учат и германските ученици, поточно во Баварија, наведува професорот по историја и шефот на Одделението за образовна политика на друштвото на наставници, Фриц Шафер.
„Не навлегуваме во детали. Евентуално ќе ја раскаже својата приказна ако некој од учениците потекнува од Хрватска или Босна и Херцеговина“, вели Шафер.
Војните во Југославија се прикажуваат заедно во дел кој се обработува крајот на Студената војна, а одговорноста за злосторствата учениците треба да ја сфатат во контекст на подемот на национализмот на сите страни.
Италијанските средношколци во своите учебници читаат како „војната во Хрватска била оправдана со постоењето на значително српско малцинство, но и дека со регуларната војска (ЈНА) во нив учествувала и паравоена српска единица која во неколку наврати извршила грозоморни злосторства против Хрватите“.
„Хрватска сепак за брзо време создала војска и започнала да си ја враќа територијата. Кога хрватските сили дошле до териториите каде биле населени Србите, започнале етничко чистење, протерувајќи ги Србите“, пишува во учебникот.
Професорот од Тоскана, Андреа Нарди оценува дека не станува збор за релативизација на злосторниците и жртвите, туку дека учениците ги усвојуваат „тенденциите како етнички мозаик, каква била Југославија и сфаќаат што се случува кога ваквата заедница пропаѓа или кога ќе порасне национализмот“.
За разлика од војната во Хрватска, војната во Босна и Херцеговина подетално се обработува од сите споменати држави. Така на пример, средното училиште „Јацек Курон“ од Варшава секоја година ги води учениците од трета година на посета во Сараево.
Во италијанските учебници е наведено дека низ медиумите Србите, во војната со Босна и Херцеговина биле прикажани како агресори, муслиманите како жртви, додека Хрватите неутрални.
„Слободан Милошевиќ пак, се споменува во контекст на Меѓународниот трибунал за воени злосторства на подрачјето на поранешна Југославија“, а под неговата фотографија пишува дека бил „обвинет за злосторство против човештвото, но починал пред изрекувањето на пресудата“.