X
 12.03.2019 Живот

Како Норвешка рециклира 97% од пластичните шишиња?

Кога станува збор за рециклирање пластичен отпад, Норвешка е чекор пред сите. Преку организацијата наречена „Инфинитум“, Норвешка создаде еден од најефикасните и најеколошки начини за рециклирање пластични шишиња и резултатите се толку импресивни што многу нации го следат тоа.

Шемата ѝ овозможила на Норвешка да рециклира 97 отсто од сите пластични шишиња и помалку од еден процент од пластичните шишиња завршуваат во околината.

Дополнително, 92 отсто од шишињата што се рециклирани даваат висококвалитетен материјал, што може повторно да се користи за шишиња. Во некои случаи, системот веќе го реупотребил истиот материјал повеќе од 50 пати.

Тоа е значително постигнување, особено ако се земат предвид светските трендови: 91 отсто од пластиката што се произведува не се рециклираат и 8 милиони метрички тони секоја година завршуваат во океаните. Во САД степенот на рециклирање на пластични шишиња е околу 30 отсто. Во Обединетото Кралство е меѓу 20 и 45 отсто.

Па, што прави Норвешка?

Едноставно, нацијата му дава вредност на рециклирањето. Денес често е поевтино да се создаде нова пластика отколку да се рециклира старата, па без финансиска иницијатива, зошто компаниите и консументите би се мачеле да го прават вистинското нешто за околината?

Одговорот, нормално, е во парите. Моделот на Норвешка се базира на шема на позајмување, што значи дека кога некој потрошувач ќе купи пластично шише, нему му се наплаќа мала дополнителна наплата.

Тие пари може да се повратат на неколку начини. Потрошувачите можат или да го однесат шишето во посебни машини што ги враќаат парите по скенирање на бар-кодот на шишето, или, пак, може да го вратат шишето во голем број мали продавници и бензински и да си ги повратат парите. Сопствениците на продавниците исто така добиваат мала сума на пари за секое рециклирано шише и некои велат дека тоа им го подобрило бизнисот.


Фото: Science Alert

- Сакаме да дојдеме до состојба во која луѓето ќе сфатат дека го купуваат производот, но само ја позајмуваат амбалажата - истакнува Кјел Олав Малдум, извршен директор на „Инфинитум“.

Но, мета на властите не се само консументите. Земјата воведе такса и за производителите на пластика која може да се намали со подобрување.

Така, ако рециклирањето е поголемо од 95 отсто на ниво на целата земја, тогаш секој производител е ослободен од плаќање на таксата. И додека ова можеби звучи како тешко за постигнување, Норвежаните го постигнуваат веќе седум години по ред.

По воведувањето на оваа уникатна шема, „Инфинитум“ ја посетиле претставници од многу земји, меѓу кои и Шкотска, Индија, Кина, Австралија и други, кои се заинтересирани да ги следат постапките на Норвешка.

Германија и Литванија се едни од ретките земји што можат да се натпреваруваат со Норвешка, а и тие две земји користат слични системи.

Сепак, и во Норвешка има простор за подобрување. Оваа година од „Инфинитум“ проценуваат дека 150.000 шишиња нема да бидат вратени, а доколку се вратат, ќе се заштеди доволно енергија за снабдување на 5.600 домаќинства.

Тоа е добра причина за да се рециклира.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот