Значењето на еколошката свест како дел од општествената свест во воспоставување на рамнотежа помеѓу човекот и природата е од огромно значење за сите, како би можеле да го оствариме своето право на живот во здрава околина.
Предмет на анализата на Пакомак е еколошката свест кај учениците и утврдување на примената на знаењата во врска со селектирањето на амбалажниот отпад и примена на темелните еколошки навики кои ги стекнале со училишниот еко-проект „Чиста околина, чисто училиште, чисти раце“, кој трае од 1 септември 2013 година и продолжува секоја наредна учебна година.
31.344 ученици од 54 основни училишта во општините Гази Баба, Карпош, Центар, Аеродром, Ѓорче Петров и Кисела Вода цела учебна година организирано собираа пластични шишиња во замена за течен сапун и учеа за селектирање на амбалажниот отпад, времето на распаѓање на материјалите во природата, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија со цел да го увидат бенефитот од правилното однесување со амбалажниот отпад и заштитата на животната средина.
Во учебната 2014/2015, овие ученици собраа 1.500 000 пластични шишиња, односно 37.400 килограми пластична амбалажа, илустративно, колку четири полни училници. Оваа огромна количина на амбалажен отпад кој го собрале само учениците од основните училишта од 6 општини, наспроти останатиот амбалажен отпад од пластика фрлен во контејнерите од само 16.737 килограми, укажува на тоа дека тие ги разбираат предизвиците на денешното живеење и учат како да предизвикуваат најмало можно влијание на животната средина и на живиот свет.
„Овој еко-проект е многу важен за сите нас и нема да згрешам ако кажам дека спроведените активности го обликуваа мислењето и однесувањето на учениците кои беа во нив инволвирани. Некогаш на моите колешки знам да им посочам дека цели генерации личат на нив и на нивните методи на работа. Така и со овој проект. Децата се сега најголемите гласноговорници и поддржувачи на вакви иницијативи. Она што овде во основното училиште ќе го научат е битно, исто како кога градите куќа“ - изјави Ана Сенчук, одделенски наставник во ОУ Песталоци.
„Податоците од нашите анализи на училишниот еко-проект укажуваат на тоа дека новите еколошки едуцирани генерации со сигурност ќе ги препознаваат проблемите, ќе ги промовираат принципите и ќе ги поттикнуваат мерките за поодговорен однос кон животната средина. Овој проект трајно го смени начинот на кој учениците гледаат и на кој се однесуваат со амбалажниот отпад, а нас не поттикна да ја развиваме, подобруваме и унапредуваме неговата платформа и да й дадеме дополнителна вредност. И овој проект, како и 3Д Еко-бусот и следната учебна година ќе нуди содржина која ги плени учениците, ќе ги едуцира, мотивира и ќе ги забавува“ - изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Како и секоја година и оваа, кон крајот на септември ќе бидат доделени наградите за најдобрите еко-училишта во изминатата учебна година за нивната успешна еко-акција.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) позитивно ги оцени сите иницијативи на Пакомак поврзани со едукација, вложување во инфраструктура и сите други активности кои се реализираат во интерес на пошироката јавност, а со кои се придонесува кон создавање почиста и поздрава животна средина.