X
 12.03.2024 Технологија

Екраните на допир во автомобилите се опасни за возачите

Како што еволуираа автомобилите, добија нови функции - од автоматско возење до целосно отстранување на горивото. Една нова иновација е употребата на екрани на допир на контролната табла во автомобилот. 

Неодамна, Европската програма за процена на нови автомобили објави дека екраните на допир во автомобилите претставуваат значителна опасност за возачите. Оттаму препорачуваат да се вратат физичките копчиња за одредени суштински контроли.

Ова доаѓа како одговор на зголемената употреба на големите екрани на допир на контролната табла во модерните возила. Тука може да се земе за пример економичното возило „волво ЕХ30“, во кое нема копчиња освен неколкуте на самиот волан. Според Европската програма за процена на нови автомобили (Еуро НКАП), тоа го одвлекува вниманието. „Еуро НКАП“ е одговорна за спроведување тестови за безбедност за новите автомобили во Европа и утврдува дали автомобилот ќе ги помине безбедносните проверки и препорачува решенија за оние што не ги поминуваат.

„Еуро НКАП“ инсистира специфичните карактеристики, како што се трепкачите, светлата за опасност и други детали, да се контролираат со физички копчиња наместо со екрани на допир. Особено ги наведуваат критичните ситуации кога е потребна брза акција. „Тесла“, меѓу другите компании, е во првите редови во однос на замената на традиционалните физички контроли со интерфејси со екран на допир.

Проблем на целата индустрија


Метју Ејвери, директор за стратешки развој на „Еуро НКАП“, го истакна проблемот со прекумерната употреба на екрани на допир во индустријата.

- Прекумерната употреба на екраните на допир е проблем во индустријата. Речиси секој производител на возила ги преместува клучните контроли на централните екрани на допир, па возачите мора да го тргнат погледот од патот и така се зголемува ризикот за несреќи - смета Метју Ејвери.

Иако на „Еуро НКАП“ ѝ недостига регулаторно овластување, нејзиното влијание врз оцените за безбедност може да ги натера производителите на автомобили да ја преиспитаат нивната зависност од контролите на екранот на допир. Нивниот строг предлог ги опфаќа сите технолошки интерфејси во возилото.

Постои поголема загриженост за безбедноста на пешаците и зголемувањето на инцидентите поради невнимателно возење. Постои очекување дека ќе се преземе чекор кон детално испитување на употребата на екран на допир во возилата, што значи дека тоа дефинитивно ќе стане тема на разговор во блиска иднина.

 

Извор: Interesting Engineering

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија