X
 23.08.2021 Живот

Оние што ја одрекуваат еволуцијата конечно се малцинство во САД

Американците сѐ уште имаат предизвикувачка врска со науката, современата медицина и повремено реалноста, но преглед на годишните анкети од 1985 до 2019 година носи добри вести. Имено, повеќе од половина од испитаниците верувале во еволуцијата и тоа е голема победа.

Пред околу еден век, во 1925 година се одржало судење на наставникот по наука Џон Скоупс против сојузната држава Тенеси, која го забранила предметот во училиштата затоа што, како што наведувале, бил спротивен на приказната за настанокот од Библијата. Теоријата на еволуцијата е идејата дека живите организми се менуваат со текот на времето, адаптирајќи се на околината преку процес наречен природна селекција. Чарлс Дарвин ги набљудувал и ги забележувал тие адаптации. Како и секое друго живо суштество, така и луѓето еволуирале со текот на времето и некои луѓе изгледа дека имаат проблем да го прифатат тој факт.

Со текот на времето сѐ повеќе Американци ја прифатиле еволуцијата со природна селекција како движечка сила на животот на Земјата. Сепак, долго време поделеноста била пола-пола, но нова студија од Универзитетот во Мичиген покажала дека тие што негираат конечно се малцинство.

Трудот бил објавен во списанието „Паблик андрстендинг оф сајенс“ и во него се разгледувани мислења за еволуцијата во анкети правени уште од 1985 година. Било утврдено дека неодамнешен бран придонел тие што верувале во теоријата на Дарвин изнесена во книгата „За потеклото на видовите“ од 1859 година да бидат повеќе од половина.

- Од 1985 до 2010 година имаше статистичка мртва трка помеѓу прифаќањето и одбивањето на еволуцијата. Но, потоа се зголемило прифаќањето, па во 2016 година оние што ја прифаќале еволуцијата станале мнозинство - истакна Џон Милер, истражувач кој специјализира во јавно разбирање на науката при Институтот за социјални истражувања на Универзитетот во Мичиген и водечки автор на трудот.

Од возрасните Американци вклучени во анкетата било побарано да кажат дали се согласуваат со тврдењето дека луѓето, какви што ги знаеме денес, се развиле од поранешни видови животни. Во првите 20 години од студијата бројот на оние што се согласувале и оние што не се согласувале бил прилично ист. Но, во 2019 година 54% од испитаниците се согласиле со тврдењето.

Во време полно со дезинформации, некои луѓе на кои порано не им се допаѓала идејата за еволуцијата решиле дека не е толку лоша. Можеби затоа што оние што ја негираа се префрлија на пожешки теми како ковид-19 и климатските промени. Еволуцијата можеби стана изветвена тема.

Извор: Gizmodo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот