X
 25.08.2021 Наука

Прегратка што траела 1.500 години: Во Кина ископани гушнати маж и жена

Останки од двајца љубовници кои биле закопани заедно пред повеќе од 1.500 години во Северна Кина, неодамна биле откриени, гушнати во вечна прегратка, открива нова студија.

Можно е жената, која носела метален прстен на левиот домал прст, да се жртвувала за да може да биде погребана со нејзиниот сопруг, истакнаа истражувачите.

Тие во студијата наведуваат дека иако заедничките закопи на мажи и жени не се невообичаени во Кина, овој испреплетен закоп со два скелета во прегратка, со силно искажување на љубовта, е прв од таков вид во земјата и може да е одраз на променливите ставови за љубовта во кинеското општество во тоа време.

- Ова е првиот пар најден во љубовна прегратка, во кое било време и место во Кина - истакна водечкиот истражувач Киан Ванг.

Археолозите ги откриле останките во јуни 2020 година при ископување на гробишта кои биле откриени при градежни активности во покраината Шанси. На гробиштата имало околу 600 гробови од античкиот народ од Северна Кина, Сјанби, и датирале од династијата Северен Веи (386-534 година), откриле облиците на гробовите и керамиката најдена на гробиштата.

Поради тоа што гробот на парот бил уникатен, археолозите решиле да не ги ископуваат целосно останките и наместо тоа, тимот ги оставил испреплетени за да може да бидат изложени во музеј.

Археолозите нашле два други пара закопани заедно на истите гробишта, но тие не биле гушнати и жените не носеле прстени, појасни Ванг.

Ископот открил и многу нешта за парот. Мажот бил висок околу 161,5 сантиметар и имал неколку повреди, а веројатно умрел на возраст од 29 до 35 години. Жената, пак, била прилично здрава кога умрела. Била висока околу 157,1 сантиметри и имала само неколку проблеми со забите. Таа веројатно умрела на возраст помеѓу 35 и 40 години.



Можно е жената да го носела прстенот на домалиот прст поради влијанието на обичаите во западните региони и подалеку преку патиштата на свилата и асимилацијата на народот, што е одраз на интеграцијата на кинеската и западната култура, смета Ванг.

Кој и да го погребал парот, бил многу внимателен. Телото на мажот било свиткано кон жената и неговата лева рака била под нејзиното тело. Неговата десна рака била на половината на жената. Телото на жената било поставено во положба да биде прегрнато, напишале истражувачите во студијата. Нејзината глава била благо наведната надолу, што значи дека нејзиното лице би се одморало на неговото рамо. Нејзините раце го гушкале неговото тело.



Тимот имал неколку одговори на прашањето како парот завршил во ист гроб. Не е голема веројатноста дека љубовниците умреле во исто време од насилство, болест или труење бидејќи сѐ уште нема доказ за тие нешта. Можеби мажот умрел прв и жената се жртвувала за да може да бидат закопани заедно, велат истражувачите.

Исто така, можно е жената да умрела прва, па мажот да се жртвувал, но тоа е помалку веројатно бидејќи жената очигледно имала подобра здравствена состојба од нејзиниот партнер.

Додека околностите што довеле до интимниот закоп на парот се мистерија, тој е уникатен приказ на љубовта.

Студијата била објавена во „Интернешнл џурнал оф остеоаркиолоџи“.

Извор и фотографии: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука