Посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите не се регистрирани до овој момент, а доколку има такви дејства, јавноста ќе биде благовремено информирана, вели Неделков
На вториот ден од генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средните училишта, нема посериозни проблеми или притисоци, информираат во Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
- Во текот на денешниот ден сите синдикални организации на СОНК се во генерален штрајк, дополнително со зголемен број на колешки и колеги кои се приклучиле кон штрајкот. Посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите не се регистрирани до овој момент, а доколку има такви дејства, јавноста ќе биде благовремено информирана - вели Јаким Неделков, првиот човек на овој синдикат.
Тој кажа дека во текот на денешниот ден очекува покана за работна средба од страна на надлежните институции.
- СОНК се надева дека ресорните министерства или Владата ќе излезат со конкретен и прифатлив предлог за зголемување на платите во гореспоменатите дејности, односно со предлог кој ќе биде прифатлив од мнозинството членови на синдикатот. Со тоа би се донела, во најкраток можен рок, одлука за прекин на штрајкот и продолжување на нормалниот тек на воспитно-образовниот процес - вели Неделков.