X
 20.05.2022 Живот

СОНК и МТСП се договорија, нема да се кратат платите на вработените во градинките што штрајкуваа

Министерството за труд и социјална политика и СОНК ги потпишаа измените и дополнувањата на Колективниот договор со кои се регулира исплатата на плати и придонеси на плати за време на штрајк, по што тие ќе бидат испратени во „Службен весник“. Покрај потпишувањето на измените и дополнувањата, МТСП и СОНК договориле до крајот на мај да биде донесен и новиот Колективен договор.

- Пред некој ден на состанокот со претставниците на МОН беше донесено решение со кое се согласија и двете страни - платите на вработените во детските градинки и во образованието да се зголемат за 15 проценти. Значи, сите делови што беа дел од одлуката за штрајк се реализирани и последното е отпочнување на процесот на подготовка на новиот колективен договор. Веднаш по 24 мај, по празникот, почнуваме со работните групи, кои се веќе дефинирани и формирани од двете страни. До крајот на мај ќе го донесеме новиот Колективен договор, кој ќе значи дополнителни права на вработените, односно на носителите на дејноста во детските градинки - рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска по средбата со претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Тој на прес-конференцијата посочи дека со ова практично е заокружен процесот на преговори во однос на барањата на СОНК кон МТСП.

- Она што беше како спорно - исплатата на дневници на вработените во детските градинки кои штрајкуваат - денеска со измена на Колективниот договор го регулиравме затоа што сметавме дека од разни причини се дискриминирани и не беше во ред да им се скрати од платата. МТСП, пред сѐ, министерката, имаа разбирање за тоа што го баравме, го усогласивме и овој дел и сметам дека во целост овој процес на штрајк и преговори со МТСП конечно е затворен - рече Неделков.
Тренчевска појасни дека овие измени и дополнувања на Колективниот договор се испратени во „Службен весник“ и оти се очекува денеска или утре да бидат објавени.

Извор. МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот