X
 19.02.2020 Живот

Леон Лучев: Што е за мене Југославија?

Долго се мачам со темата идентитет. Растење во Југославија, семејство, војна, академија, брак, развод, деца. Оставаат траги врз човекот. Психата.

Идентитетот е тема на мојот интерес. Кои сме ние зад нашите идентитети? Тоа ми е прашањето. Кој е нашиот актер, човек кој жонглира, обработува, ги коригира нашите искуства додека ние сме во непознато себе. Во заборав.

Мојот заборав го бара својот прв идентитет. И најблизок. Југословен.
Зошто? Како таков сум роден, одгледан, формиран. И деформиран.
И тоа го живеам сите овие години. Несвесно. И сѐ посвесно.
Работам во сите републики. Награден во сите, освен во Македонија.

Но, таа територија веќе ја нема. Не постои. Значи мојот идентитет не е територијален.

Сеќавањата постојат за таа земја, за искуствата, за односите, но идентитетот не е ни минатото. Тој е поврзан со минатото. Но и без оглед на него - минато, војна, распад на таа држава - тука е. Го живеам сега.

И интересно е што ова го пишувам од Белград. Градот кој моментално ми одговара. Доволно е голем за криење, доволно топол за дружење, доволно мал за нежност и доволно голем за да ме нервира.
Но, што е за мене тој идентитет?
Што го сочинува?

Бев со Мики пред неколку дена во Љубљана и со Јозко и Михо.
Во Загреб со своите деца и Маја, се слушнав со Смилјана.
Во Будимпешта со студентите.
Во Нови Сад со студентите.
Подготвувам работилници во Белград и во Загреб.

Би требало во март да работам со Тино во Босна. Па во мај со Алекс во Македонија. Со Огнен синоќа зборувавме на Канарево Брдо. Оља се јавува од Виена. Ја нервира сѐ. Треба да се видиме во Белград во мај. Бруно е нервозен во Риека. Ќе експлодира од сѐ. Дражен е на релација Белград-Загреб. Луција во Загреб. Јелена, Нео и јас моментално во Белград.

Поставуваме некои наши темели за понатаму. Од љубов. Ела, Иван и Зое во Загреб. Ги гледам налето, а потребите се многу поголеми. Мајка ми и сестра ми се во Америка. Зоран и Вејко на Хвар. Георг во Берлин и во Португалија. Ивана со стомакот во Загреб. Иван нешто готви во Црна Гора.

За мене, тоа е Југославија. Моја. Луѓе. Кои заедно живеат и создаваат. Се сакаат. Растат заедно. И се губат, наоѓаат, прашуваат, кршат, скокаат од среќа, се менуваат.

Случајните средби со Живкица и Настја. Дамир и Кате. Сето тоа е моја Југославија. И на неа имам право. Бидејќи е наша. Нема правила. Нема разлика. Нема срања. И многумина заборавив сега, но знаат дека се тука. Во срцево.

Автор: Леон Лучев (хрватски актер)
Извор: Buka
Насловна фотографија: Бука
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот