Според распоредот, секој наставник ќе ја одржува наставата. Така ќе се избегне хаосот – кој, каде и кога сака да одржува час, велат експерти за Факултети.мк
Националната платформа за онлајн-настава ќе има многу можности, но најважно е што ќе има интеракција меѓу наставниците и учениците, а секој наставен ден ќе биде организиран според распоред на часови. Замислата е платформата да биде онлајн-простор за електронска училница. Наставниците ќе може да поставуваат материјали, домашни задачи, да прикачуваат фајлови, тестови. Секој ќе може самостојно да ги преземе.
Распоредот на часови ќе се следи како во класична настава / Фото: Архива
Експертите објаснуваат дека платформата треба да овозможи два важни елемента - првиот дел е интеракцијата, а вториот дел е можноста преку Teams да се организира начинот на настава. Ќе се следи распоредот на часови. Според распоредот, секој наставник ќе ја одржува наставата. Така ќе се избегне хаосот – кој, каде и кога сака да одржува час. Учениците ќе може да влегуваат во училницата, да бидат присутни на часот или да ја следат листата со конкретни настани – кога е следниот час или активност, домашна работа или проект што треба да се заврши. Платформата треба да понуди многу можности во тој дел.
Учениците ќе бидат членови во сите електронски училници, наставниците ќе членуваат во соодветните за нив. Така ученикот во согласност со активностите ќе си проверува во календарот и ќе се информира кој наставник каде држи час.
Фото: Freepik
Секој клик на платформата ќе се следи и на тој начин се следи и активноста на секој наставник и ученик. Дополнително, и Teams во заднина си води евиденција кој, кога и колку активности имал. Сите активности се зачувуваат, така што наставникот на крајот од часот може да провери кој сѐ присуствувал на часот. Унифицираната национална платформа за онлајн-настава со двонасочна комуникација во сите училишта во Македонија ја подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Платформата ќе треба во исто време да опслужи 200-300 илјади корисници и ќе биде прва од толкав обем во Македонија. Во работната група одговорна за проектот се вклучени претставници на ФИНКИ, Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, а логистичка поддршка дава и МАСИТ - Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (ИКТ). Платформата ќе биде хостирана на инфраструктурата ФИНКИ и МОН (со која управува ФИНКИ), при што ќе се изврши интеграција со останатите системи на МОН и ќе се обезбеди поедноставена администрација.