Музичката индустрија е една од оние што во последните месеци се соочуваат со „закана“ во форма на вештачка интелигенција, која се обидува да ги замени човечките композитори и да создава музика на барање.
Генеративната вештачка интелигенција, како што го прави тоа со текстот и сликите, исто така може да создава различни музички композиции, а стартапот со вештачка интелигенција „Буми“ е еден од најактивните на ова поле. Наводно досега има создадено 14,5 милиони песни, што е речиси 14 отсто од целата авторска музика некогаш снимена во светот.
Овој стартап ја направи својата музика достапна и преку разни стриминг-услуги за музика, што не им се допадна на музичарите и издавачките куќи, особено ако се земе предвид количината на содржина што вештачката интелигенција е способна да ја „компонира“ за кратко време.
Вештачката интелигенција компонира, вештачката интелигенција слуша
Набрзо откако музиката на „Буми“ стигна на „Спотифај“ и другите платформи, издавачката куќа „Јуниверсал мјузик“ го пријави тоа до сопствениците на платформите, наведувајќи сомнителна активност на стриминг-платформата. Во случајот на „Спотифај“; пријавата беше успешна бидејќи овој сервис неодамна почна да отстранува илјадници песни компонирани од вештачката интелигенција на „Буми“.
Но, причината за отстранувањето не беше затоа што се создадени од вештачка интелигенција, туку фактот дека некој ангажирал ботови за да ја „слушаат“ таа музика, за да ѝ ја зголеми популарноста. Постои сомнеж дека зад ова е самиот стартап „Буми“, кој веројатно се обидел да манипулира со системот и вештачки да го зголеми бројот на преслушувања на неговата синтетичка музика.
На крајот, „Спотифај“ отстрани околу 7 отсто од поставената содржина на „Буми“, што всушност се десетици илјади компонирани песни и очигледно слушани само од вештачката интелигенција.
Извор:
Bug.hr
Фото: Freepik