Големите делфини се единствените суштества, освен луѓето, што се довикуваат со посебни имиња, покажала една студија на австралиски научници.
Овој вид делфини користат „имиња“, односно индивидуални облици на пискање и свиркање за да си ги препознаат пријателите и непријателите во својата социјална средина, рекла научничката Стефани Кинг од Универзитетот „Западна Австралија“ по проучувањето на делфините во заливот Шарк, 800 километри западно од Перт.
Таа додала дека паровите и помалите групи машки делфини користат такви повици за да ги привлечат женките за парење, а ги „украле“ од соперничката група мажјаци.
„Тие делфини не се родени со свој единствен звук, туку ги развиваат во првите неколку месеци од животот и структурално се единствени за секоја единка“, напишала Кинг за списанието „
Conversation“.
„Тие звуци се споредуваат со човековите имиња. Делфините ги користат за претставување“, додала таа.
„Тоа им овозможува да ги распознаат своите пријатели и своите соперници. Докажано е дека големите делфини паметат звуци од други единки и по 20 години разделеност“, вели Кинг.