X
 12.06.2018 Живот

Седум причини зошто децата треба да играат фудбал

Фудбалот е најважната споредна работа на светот. И тоа како за големите така и за малите; за родителите и за децата, заедничка забава и активност што и не е многу честа практика во секојдневието.

Нема маало, нема тревник, нема ќоше во светот каде што нема да видите дечиња што посветено трчаат по топката, собираат албуми и сликички од нивните омилени фудбалери и сонуваат за денот кога нивното име ќе биде испишано на дрес. По наставата се собираат во школскиот двор и играат додека не се стемни. Особено за помалите деца, „фудбалот е магијата“ што ги движи, ги мотивира да бидат подобри.



Фудбалот ги опушта децата, им ја презема грижата, ги учи на помирливост и истрајност, на живот преку игра, победа и пораз, што е особено важно во светот на возрасните. Ги оспособува да се снаоѓаат во различни ситуации, да ги контролираат емоциите и стресот. Независно дали вашите деца тренираат фудбал во некој клуб или едноставно се само талентирани и уживаат да играат со другарчињата, треба да ги знаете придобивките и предностите од играњето на најважната споредна работа на светот:

1. Здравствени придобивки
Генерално, спортот е од исклучителна важност за детскиот развој и здравје, и од него децата имаат само придобивки. Особено од фудбалот, кој е активен и предизвикувачки спорт, децата многу побрзо ги развиваат брзината, агилноста, силата, координацијата на телото со очите и најважното од сѐ – ја подобруваат својата кардиоваскуларна издржливост.

2. Цврсти пријателства
Пријателствата изградени во тимовите на деца што играат фудбал се посилни од вообичаените училишни или маалски дружби. Бидејќи фудбалските тимови се составени од многу играчи, децата учат да се вложуваат во заедничка цел, да прифаќаат и да разбираат различни карактери. Сето тоа е скапоцено во нивниот подоцнежен живот; директен влог во сопствената и во иднината на своето опкружување.

3. Дисциплина и позитивна рутина
Самиот фудбал е игра каде што е потребна концентрација и истрајност, бидејќи едно мало испуштање на топката може да значи гол за спротивниот тим. Дисциплината што децата ја учат на тренинзите помага тие да се развијат во одговорни личности, што во животот како возрасни многу ќе им помогне. Од почитување на закажан термин, до волја да се истрча и последниот круг обврски. Освен тоа, самата игра е доволно напорна да ги натера рано да одат на спиење, што е клучно за правилен развој во раните години. Дополнително, децата што тренираат фудбал покажале значително помал интерес за девијантни однесувања и експериментирање со дроги во тинејџерските години.

4. Работна етика
Не секој ден децата се расположени да истрчаат 50 круга околу теренот, да прават склекови на жештини и со часови да скокаат на една нога. Но, за успешен тим и успешна игра, тренинзите мора да се одржуваат и да се почитуваат докрај. А во вистинскиот живот, работите се уште помалку розови, па работната етика и дисциплината што децата ја стекнуваат преку фудбалот е непроценлива за нив како возрасни.

5. Тимска работа
Фудбалот е навистина тимска игра. Со 11 играчи кои зависат еден од друг, одговорноста е голема и секој игра своја улога. Децата учат како овие улоги да се надополнуваат една со друга, а способноста за тимска работа е посакувана способност за сите работни места кога ќе пораснат.

6. Физичка подготвеност
Фудбалот не е лесен спорт. И да, понекогаш се случуваат повреди, како и во секој друг спорт. Но, модринките и гребаниците поминуваат, а децата учат дека се посилни од болката, и дека воопшто, се посилни отколку што и самите знаат. А малку храброст и издржливост во животот, не се за занемарување.

7. Ментална подготвеност
Како дополнување на физичката, менталната подготвеност е исто така огромна придобивка. За играње фудбал треба силен ум. Било да се работи за справување со модринките било со емоциите по направена грешка или изгубен натпревар, децата развиваат ментална сила и подготвеност која можеби не би ја добиле на друго место.

Децата се учат на борба, на упорност, да не се откажуваат лесно од она што го сакаат. Да се развијат физички, да ги подобрат своите моторни вештини, да се научат да губат, и тоа нормално да го поднесуваат. Бидејќи таков ќе биде животот. Во победата да не летаат, да не се вообразуваат; од поразот да не се обесхрабруваат. Фудбалот на оваа возраст е пред сѐ рекреација. Подоцна, со многу желба, обука, самодисциплина, одрекување и упорност, можеме да дојдеме и до професионален успех. Но, некогаш децата треба и да се охрабрат, да се поттикнат, да се откријат нивните таленти, кои тие срамежливо ги покажуваат во тесниот круг на семејството. Токму кампањата „Ги поддржуваме ѕвездите на иднината“, проект на Македонски Телеком, има цел поддршка на младите фудбалски таленти во нашата држава, особено на оние што немале можност професионално да го негуваат својот талент во Младинската академија на „Вардар“.

За таа цел, Телеком обезбеди 50 целосни стипендии за деца од 7 до 12 години, кои токму на Академијата ќе имаат можност да ги остварат своите соништа и можеби да станат идните Вардарови ѕвезди. За сите заинтересирани, пријавувањето можете да гo направите на веб-страницата www.footballstars.mk.


Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот