X
 12.06.2019 Култура

Спилберг работи на нова хорор серија - ќе се емитува само на мобилен, исклучиво кога ќе падне мрак

Иако легендарниот режисер Стивен Спилберг досега не беше голем фан на стриминг услугите, тоа не го спречи да режира нова хорор серија што ќе има стриминг само на мобилните телефони. Но, најинтересно е тоа што оваа серија ќе може да се гледа само кога надвор е мрак.

Серијата наречена „По темнината“ („After Dark“) ќе има помеѓу 10 и 12 епизоди, а ќе може да се гледа преку стриминг сервисот „Quibi“, наменет само за мобилни телефони. Овој сервис е специјализиран само за серии чии епизоди траат кратко. Наводно, Спилберг веќе напишал пет или шест епизоди.

Бидејќи Спилберг сакал серијата да може да се гледа само навечер, девелоперите на „Quibi“ морале да смислат нов начин на кој ќе ја емитуваат секоја нова епизода. За таа цел, тие развиле внатрешен часовник во самата апликација, која во предвид ќе ја зема локацијата на мобилните телефони, преку која пресметува кога ќе излезе сонцето. Стриминг сервисот ќе покажува кога епизодата е достапна, но ако надвор не е темница, апликацијата ќе ги одбројува часовите до заоѓањето на сонцето. Доколку некој не ја погледне епизодата додека е темно, епизодата повторно ќе се заклучи пред излегувањето на сонцето, и ќе се отклучи наредната вечер.

„Quibi“ е само еден од новите стриминг сервиси што ќе бидат лансирани наредните 12 месеци. „Дизни“, „Варнер Медија“, и други компании планираат да лансираат сопствени сервиси, но ниту еден не е фокусиран исклучиво на мобилни телефони како „Quibi“. Ако сè оди по планот, сервисот ќе биде лансиран на почетокот на април 2020 година со почетна цена од 4,99 долари, но не е најавено каде ќе биде достапен.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура