X
 12.06.2020 Образование

До идните и сегашни средношколци: Размислете добро, свеста е најбитна кога се запишуваме на медицина

Дали од оваа ситуација ќе излеземе посилни и помотивирани да инвестираме во образованието бидејќи едукацијата е важен столб на едно современо општество, пишува средношколецот Станиша Станковиќ


Како што знаеме, веќе оваа учебна година формално и процедурално се завршува. Пред три месеци нашата држава беше и сѐ уште е погодена од пандемијата на коронавирусот или Ковид-19. Како и сите сектори, така и образовниот процес продолжи да функционира на еден специфичен и досега некористен начин.


Предавањата продолжија со далечинско учење или учење од дома. Поголем број ученици го прифатија и се подготвија преку компјутерските уреди активно да учествуваат и да одговараат на училишните часови, задачи, тестови и испрашувања. Но, помал дел од учениците немаа никакви ИТ-уреди и соодветен пристап до интернет, при што Владата и Министерството за образование и наука по одредено време реагираа на проблемот, па социјално загрозени семејства добија интернет-ваучери и бесплатни таблети или лаптопи. Сите заедно, целиот просветен кадар, учениците, средношколците, даваа напор и сопствена волја оваа учебна година да заврши некако, со цел да не пропадне и учениците да не ја повторуваат учебната година.


Станиша Станковиќ


Суштината на оваа колумна е прашањето колку учениците добија знаење од овој вид предавање? Оценките, поголем дел, се формирани од претходните добиени резултати, испрашувања, активност на час и слично, а помал дел опфаќа оваа онлајн-настава или далечинско учење. Оценката како оценка е само бројка и донекаде го докажува стекнатото знаење на ученикот. Но, дали од оваа онлајн-настава учениците добија вистинско, прецизно и јасно знаење? Добиениот успех од овој вид предавање ќе го видиме подоцна, а тоа ќе биде: дали во септември на училиште или за матурантите на ниво на избраниот факултет, или за оние ученици што ќе започнат со работа – знаењето и квалитетот ќе се видат на пазарот на трудот?

Од една страна, овој начин на предавање беше спас за учебната година и поголем дел од училиштата го спроведоа. Гимназиите и стручните училишта гледаа да дојдат до подобар и поуспешен пристап до учениците. Гимназиите речиси целосно го сторија тоа. Средните стручни училишта теоретската настава ја спроведуваа, но практичната настава и практичниот дел, кој е од огромно значење, учениците го изоставија целосно со оглед на вонредните услови за учење.

Професорите по пракса работеа напорно средношколците да бидат повремено активни и да ги извршуваат училишните задачи по практичниот материјал. Но едно нешто е реално, праксата не е теорија! И затоа се нарекува пракса или практичен дел. Според мене, праксата е најбитна и доведува до вистинските, реални и целосни знаења и резултати.


Како ученик во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, на насоката медицинска сестра/техничар, може да кажам дека практичниот дел преку онлајн-настава се изведуваше одлично и прецизно. Во смисла, зависно од наставната единица и оној теоретски дел и термин што треба да се научи. Се уочи меѓусебна соработка и комуникација помеѓу професорите по практична настава и засегнатите ученици, во случајов средношколците во медицинските насоки. Праксата, односно практичниот дел, до негово целосно и конструктивно одвивање, не се спроведе поради настаната ситуација.

 

Ние сме идните медицински лица, загуба од оваа пандемија имаа сите, вклучително и ние. Може ние сме само деца, ученици кои ја сакаат медицината, а најмногу практичниот дел. Но, ние ќе бидеме и луѓе кои ќе бидат во првите борбени линии во медицината. Оценката како оценка е формирана, но вистинското и реално знаење ќе го видиме токму тогаш кога ќе застанеме во одбрана на некоја болест или вирус. Токму тогаш пропустот од праксата ќе се види. Но, се надевам дека како млад медицински кадар ќе имаме шанса да работиме повеќе во здравствените институции, при што ќе се стекнеме со искуство и дополнителен позитивен ефект.


Од една страна, ние останавме дома и го заштитивме сопственото, но и јавното здравје. Државата брзо реагираше и се подготви за вонредната ситуација и заразна болест. Но, од друга страна, ние сме идни здравствени работници, ние сме тие што утре, задутре, ќе застанат во прв ред и ќе се борат со модерните болести. Но како? Испуштивме дел од настава, но доколку дадеме напор -истото ќе го вратиме. Ќе треба многу време, простор и труд. Препорачувам, идните и сегашни средношколци добро да размислат дека кога се во прашање медицинските науки, медицината е голем ризик, пред сѐ, лично за нив, понатаму за нивното семејство и населението.

Размислете добро, свеста е најбитна кога се запишуваме на медицинска насока. Мора да дадеме сѐ од себе, сите ние, и професорите, и учениците, и Министерството за образование и наука, и Министерството за здравство - како и на кој начин ќе го надоместиме изгубеното знаење? Дали од оваа ситуација ќе излеземе посилни и помотивирани да инвестираме во образованието, бидејќи едукацијата е важен столб на едно современо општество.

Пишува: Станиша Станковиќ, средношколец во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ - Битола

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование