X
 25.08.2021 Наука

Израел тврди дека третата доза на вакцината го забавува ширењето на делта-сојот

По помалку од еден месец од давањето на засилувачката доза против ковид-19, Израел забележува забавување на бројот на заразени и на тешките форми на болеста, велат официјалните лица и научниците.

Делта-сојот на коронавирусот пристигна во Израел во јуни, во време кога државата почна да ги забележува позитивните резултати од најбрзата кампања за вакцинација во светот.

Со отворена економија и укинување на рестриктивните мерки, Израел стигна до едноцифрен број на нови инфекции и без смртни случаи. Но, за кратко време бројот на заразени се искачи на 7.500 дневно, со 600 луѓе во критична состојба и повеќе од 150 смртни случаи само таа недела.

Поради ширењето на делта-сојот, на 30 јули во Израел почна да им се дава трета доза од вакцината „Фајзер“ на луѓе над 60 години, со што стана првата земја што го направи тоа. Во четвртокот, земјата ја прошири опцијата за примање трета доза за луѓе над 40 години кои ја примиле последната доза пред најмалку пет месеци. Беше објавено дека старосната граница може дополнително да се намали.

Во изминатите десет дена пандемијата забави во првата возрасна група, во која повеќе од милион жители ја добија третата доза, објави израелското министерство за здравство.

Стапката на инфекција кај вакцинираните лица над 60 години, т.н. репродуктивен број, почна да опаѓа од 13 август и сега е под 1, што значи дека пандемијата се забавува. Научниците тврдат дека третата доза придонесува за тоа, но веројатно и други фактори.

Иако бројките и понатаму се високи, се намали брзиот раст на бројот на заразени и случаи со тешка клиничка слика, како и брзината со која се шири пандемијата, вели Еран Сегал, аналитичар на податоци на Универзитетот „Вајзман“ и советник на израелската влада.

Ова веројатно се должи на засилувачките дози, зголемувањето на бројот на оние што ја примиле првата доза и големиот број луѓе што се заразувале секоја недела, веројатно до 100.000, кои потоа создале природен имунитет, додава тој.

izrael
Фото: Freepik

Засилувачка доза или заклучување

Откако достигна една од највисоките стапки на инфекција по глава на жител во светот овој месец, прашањето е како Израел ќе излезе од четвртиот бран без повторно воведување карантин што би бил удар за економијата.

Се појавуваат докази дека иако вакцината е многу ефикасна во спречување тешки форми на болеста, нејзината заштита слабее со текот на времето.

Меѓутоа, не постои консензус меѓу научниците и здравствените установи дека е потребна трета доза, а Светската здравствена организација (СЗО) рече дека приоритет е да се вакцинира остатокот од светот, односно земјите каде што помалку од 1 до 2 отсто од популацијата ја примиле првата дозата, пред развиените држави да почнат да вакцинираат со трета доза.

САД објавија дека ќе им понудат трета доза на сите Американци осум месеци по добивањето на втората, а истото го најавија Канада, Франција и Германија.

Речиси еден милион Израелци од вкупно 9,3 милиони не одлучиле да се вакцинираат, а на децата под 12 години не им е дозволено да се вакцинираат. Здравствените власти во четвртокот рекоа дека забележуваат пад на имунитетот кон вирусот кај оние под 40 години, иако мал број од нив развиле тешка форма на болеста.

Бројот на тешки случаи меѓу невакцинираните над 70 години сега е седумпати поголем отколку кај вакцинираните, и тој јаз ќе продолжи да расте во согласност со бројот на заразени, посочува Дорон Газит, член на тимот експерти за ковид-19 на Хебрејскиот универзитет. Кај оние над 50 години, овој сооднос е четирипати поголем.

- Ние сме оптимисти, но многу претпазливи - рече израелскиот министер за здравство Ницан Хоровиц.

- Ова ни дава повеќе време, го забавува ширењето и се оддалечува од опцијата заклучување на државата - додаде тој.

Иако третата доза го забавува ширењето на пандемијата, малку е веројатно дека целосно ќе го запре делта-сојот.

Двир Аран, биомедицински аналитичар на податоци во израелскиот институт за технологија „Технион“, тврди дека додека бројките се намалуваат, потребни се други мерки за да се запре пандемијата.

Ќе биде потребно долго време доволен број луѓе да ја примат третата доза, а дотогаш илјадници други луѓе би можеле да бидат сериозно болни.

Од доаѓањето на делта-сојот, Израел ја врати мерката за носење маски во затворени простории, ограничени собири и забрзано тестирање.

Неговата политика за „соживот со ковид-19“ ќе биде ставена на тест во септември кога учениците ќе се вратат во училиште и кога ќе започне сезоната на еврејски празници, кога се собираат семејствата.

Во пресрет на почетокот на учебната година, Израел започна масовен серолошки тест на деца на возраст од 3 до 12 години за да утврди колку од нив се заразиле со коронавирус и на тој начин развиле антитела.

Извор: Reuters
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука