X
 28.11.2020 Здравје

Лекари бараат транспарентно информирање за несаканите ефекти на вакцините против коронавирусот

Повеќе американски лекари апелираат за транспарентност од страна на здравствените власти и фармацевтските компании за несаканите ефекти што луѓето може да ги имаат по примањето вакцина против коронавирус. Докторите повикаа на транспарентност на состанок со советници на американскиот Центар за контрола на болести, додека сојузните американски држави се подготвуваат за дистрибуција на вакцините во декември.

Докторката Сандра Фрајхофер од Американското здружение на лекари вели дека вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ се примаат во две дози, а таа е загрижена дека некои пациенти нема да дојдат да ја примат втората доза доколку имаат несакани ефекти по примањето на првата доза.

- Навистина мора да им кажеме на пациентите дека ова нема да биде прошетка во парк. Тие ќе знаат дека примиле вакцина. Веројатно нема да се чувствуваат прекрасно. Но мора да се вратат за втората доза - изјавила Фрајхофер.


Фото: Pixabay

Учесници во тестирањата на вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ во септември изјавиле дека имале висока температура, болки во телото, чувствувале исцрпеност и имале други симптоми по примањето на вакцината. Симптомите исчезнувале по еден ден, а некогаш и порано.

Двете компании признале дека нивните вакцини може да предизвикаат несакани ефекти што се слични на благите симптоми на Ковид-19, како болка во мускулите, треска и главоболка.

Состанокот на лекарите се одржал деновиве откако „Фајзер“ и „Бајонтек“ поднеле барање за итно одобрување на вакцината против коронавирусот на која работат. Процесот на одобрување треба да трае неколку недели, а некои Американци може да ги примат првите дози од вакцините во декември. 


Автор: Беркли Лавлејс Џуниор
Извор: cnbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје