X
 24.11.2020 Здравје

Колку долго заболените од Ковид-19 може да бидат заразни?

Заразените луѓе најверојатно го пренесуваат вирусот во првите пет дена од појавата на симптомите, покажува ново обемно истражување.

Во истражувањето се вели дека пациентите имале највисоки нивоа на вирусот на почетокот од нивната болест, а „жив“ вирус, способен да се реплицира, беше откриен дури по девет дена од почетокот на симптомите.

Британските научници велат дека нивното истражување нагласува дека раната изолација е од клучно значење за запирање на ширењето.

„Врв на заразноста“

Колку ќе биде заразно едно лице, зависи од многу фактори, вклучувајќи и колку вирус има во телото (суштински, вирус што може да се реплицира).

Некои извештаи покажуваат дека луѓето имаат највисоко ниво на заразност пред да имаат симптоми и во првата недела од заразувањето со вирусот.

Научниците испитале 79 глобални студии за Ковид-19 во кои биле вклучени симптоматски луѓе во болниците кои веќе биле позитивни на вирусот.

Истражувачите биле во можност да го идентификуваат и реплицираат вирусот од примероците од грло земени до девет дена од почетокот на инфекциите.

Откриле дека количината од вирусни РНК-честички (фрагменти од генски материјал од вирусот) во примероците од грлото кај луѓето достигнале врв во периодот кога почнале симптомите или во рок од пет дена.

Во меѓувреме, неактивните фрагменти од вирусната РНК биле пронајдени во примероци од носот и грлото во просек до 17 дена по почетокот на симптомите.

Истражувачите заклучуваат дека и покрај тоа што траат овие фрагменти, бидејќи не е пронајден жив вирус што може да се реплицира по девет дена, мала е веројатноста овие луѓе да се заразни над оваа точка.

Д-р Муге Цевик од Универзитетот Сент Ендрус вели дека наодите покажале дека луѓето биле најзаразни во првите денови, во согласност со другите студии што вклучувале следење на контактите.

- Луѓето треба да бидат изолирани веднаш штом ќе добијат симптоми, колку и да се благи. Додека ги добијат резултатите од тестирањето, можеби ќе ја поминат својата најзаразна фаза. Значи, треба да разгледаме зошто некои луѓе не се во можност да се изолираат веднаш и да им се помогне да го направат тоа - вели таа.

Заразни пред симптомите?


Истражувањето не испитувало асимптоматски луѓе, но авторите предупредуваат дека другите истражувања покажале дека луѓето можат да бидат заразни пред да добијат симптоми и да го пренесат вирусот.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје