Компанијата „Вирџин галактик“ потпишала договор со американската вселенска агенција НАСА за тренирање и испраќање граѓани на приватни патувања до Меѓународната вселенска станица. Компанијата за вселенски туризам на милијардерот Ричард Бренсон ја објави соработката на „Твитер“ и на својата веб-страница.
- Возбудени сме од соработката со НАСА на оваа приватна програма за вселенско патување, која освен што ќе ни овозможи да ја користиме нашата платформа за вселенско патување, ќе им ја понуди нашата инфраструктура за вселенско тренирање на НАСА и на други агенции - изјавил Џорџ Вајтсајдс, извршен директор на „Вирџин галактик“.
Според известувањето, „Вирџин галактик“ ќе ги одбира потенцијалните клиенти и ќе ги тренира за патување во вселената, а потоа ќе се координира за самото патување со Меѓународната вселенска станица. Вселенските патувања веројатно ќе се спроведат со летала на „Спејс екс“ или „Боинг“. НАСА ќе направи процена на изводливоста на планот на компанијата.
„Вирџин галактик“ работи на програмата за приватен вселенски туризам повеќе од една деценија. Во 2018 г. компанијата ги испрати своите први астронаути на границата со вселената, а развива и летала кои ќе се користат за тренирање на идните вселенски туристи.
Фото: Pixabay
Во меѓувреме, минатата година НАСА претстави иницијатива да ја направи Меѓународната
вселенска станица достапна за комерцијални летови. Истовремено, други компании, како „Аксиом спејс“ и „Спејс адвенчрс“, работат на посебни планови за организирање приватни летови во вселената.
Автор: Џенифер Лиман
Извор:
popularmechanics.com