Со години НАСА ги анализираше ефектите што патувањето во вселената ги има врз здравјето на астронаутите така што правеше споредба меѓу близнаците Марк и Скот Кели. Пред неколку години Скот помина 340 дена во орбитата, додека Марк остана на Земјата, давајќи им на научниците ретки податоци за тоа како напуштањето на планетата влијае врз човечкото тело.
Студијата, која беше објавена во списанието „Сајенс“, открива дека на Скот му се случиле повеќе генетички промени додека бил во вселената. Изненадувачки е што повеќето од нив се анулирале кога се вратил на Земјата.
Во текот на изминатите неколку години научниците од НАСА постепено објавуваа информации за резултатите од студијата за близнаците. Најизненадувачки беше фактот дека престојот во вселената му ги издолжил теломерите.
Иако овој пронајдок најверојатно ќе доведе до шпекулации и идни истражувања за тоа како одењето во вселената може да влијае врз долговечноста на луѓето, промените беа краткотрајни. Во рок од половина година од неговото враќање на Земјата издолжените теломери на Скот се вратиле во нормала, додека некои нови теломери, кои биле пократки од вообичаените и кои се формирале по неговото враќање, опстанале.
Минатите истражувања на астронаутите сугерираа дека продолжениот престој во вселената би можел да го компромитира нивниот имунолошки систем. Новите резултати откриваат дека овие промени се претежно привремени и дека астронаутите брзо закрепнуваат, што е ветувачки развој на настаните за изгледите за испраќање луѓе на Марс или подалеку.
Но, поради тоа што студијата вклучувала само едно лице во вселената, тешко е да се каже колку многу се важни податочните точки затоа што недостига контекст.
- Аналогно е на првиот пат кога измеривме нечиј крвен притисок. Не знаевме што значат бројките додека не почнавме да им мериме на повеќе луѓе - истакна Крис Мејсон, водечкиот
истражувач.
Насловна фотографија: НАСА