Европската Унија планира да ги прошири своите правила „Купувај европско“ и на возила произведени во Обединетото Кралство, Јапонија и Јужна Кореја, во обид да ја заштити европската автомобилска индустрија од заканата од новите кинески марки. Станува збор за драматична промена на политиката и премолчено признание дека ЕУ не може сама да ѝ се спротивстави на Кина без помош од надворешни партнери.
Проширување на доверливи партнери
Иницијативата „Купувај европско“, која во рамките на Актот за индустриско забрзување е позната како „Произведено во ЕУ“, налага државните помошни средства да можат да им се доделат само на возила произведени во регионот. Според првичниот план, оваа поволност беше резервирана исклучиво за европските производители на автомобили. Сега одредбите би можеле да се прошират и на таканаречените „доверливи партнери“, што ги вклучува Обединетото Кралство, Јапонија и Јужна Кореја.
Даночни олеснувања
Рамката „Произведено во ЕУ“ во голема мера е насочена кон службените и корпоративните возила, што е логично со оглед на тоа што компаниите купуваат приближно 60 проценти од сите новорегистрирани возила во регионот. Според тие правила, возилата што ги исполнуваат условите ќе остварат право на даночни олеснувања, вклучувајќи го и олеснувањето на данокот за службени возила.
Спас за британската автоиндустрија?
Потенцијалната промена е одлична вест за производителите на автомобили во Обединетото Кралство, Јапонија и Јужна Кореја бидејќи им дава клучна алатка во борбата против Кина и нејзината политика на прекумерни производни капацитети. Тоа, исто така, би можело да се покаже како спасоносно решение за британската автомобилска индустрија, која по Брегзит е на „стаклени нозе“.
„Нисан“ неодамна го предупреди британскиот премиер Кир Стармер дека поради иницијативата „Купувај европско“, ќе мора да ја затвори својата фабрика во Сандерленд. Вклучувањето на партнерските земји во овие мерки би можело да биде доволно за да го убеди „Нисан“ сепак да продолжи да работи во Обединетото Кралство.
Притисокот од производителите вроди со плод
Како што известува Ханделсблат, големите производители на автомобили ја убедија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека не е во најдобар интерес на ЕУ да ги загрозува интегрираните синџири на снабдување што постојат меѓу овие четири региони. Строгата примена на иницијативата „Произведено во ЕУ“ всушност би им наштетила и на самите европски марки кои се потпираат на добавувачи надвор од Унијата.
Фото: magnific