X
 12.09.2022 Наша тема

Од она што го знам и умеам државава сѐ уште нема корист, вели Славица Танеска - првенец на Факултетот за ликовни уметности

Практичните и теоретските предмети ги работев со љубов и увереност дека сè што ќе прочитам и научам е од огромна полза за мене. Сметам дека тоа е рецептот за успешно полагање испити, или барем мојот, вели Славица.

Кога ќе ги положев испитите навреме, многу од колегите ми велеа дека ми е лесно бидејќи кога тие учеа, јас се одмарав. Не ми беше лесно, само знаев да направам добар распоред, односно прво учењето, а потоа одморот со мирна глава и полн индекс, вели Славица Танеска, која со просек 9,63 е првенец на својата генерација на Факултетот за ликовни уметност во Скопје. Таа доби признание од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како еден од најдобрите студенти за учебната 2020/2021 година

Славица, која е родена во Охрид, уште од мала знаела дека сликањето е нејзиниот животен пат, а доказ за нејзината посветеност била освоената прва награда на тогаш единствениот натпревар за ликовна уметност во Македонија - „Детските Рацинови средби“, и тоа како најмал учесник. Во шесто одделение ја реализирала првата самостојна изложба во Центарот за култура „Григор Прличев“ - Охрид, така што на нејзините родители им било јасно дека таа е решена да се образова во уметноста, првин во средното уметничко училиште, па на Факултетот за ликовна уметност.

 - Најчесто родителите не се многу среќни кога децата ќе решат да станат уметници, сум чула многу такви искуства, но мојот случај беше сосема спротивен. Јас имав голема поддршка од моите родители, кои целосно ми се посветија мене и на мојот сон да станам сликарка. За тоа ќе им бидам вечно благодарна на мојата мајка Светлана и мојот татко Драги Танески, на кои им ја посветив и мојата прва книга - вели Славица.


Сите испити ги полагав во прв рок

Славица се запишала на Факултетот за ликовна уметност со веќе остварени три самостојни изложби уште како средношколка и со учество на многу групни изложби и издадена авторска книга за цртеж „Траги на времето“, во која биле опфатени 100 цртежи на градби од 50 села во Македонија.

- На Факултетот за ликовни уметности се запишав на отсекот сликарство, модул конзервација и реставрација и како изборни предмети имам завршен педагошки блок на предмети. Се запишав во 2017 година и завршив во 2021 година како прв студент кој заврши таа година. Сите испити ги полагав на прв рок и немам искуство да паднам на испит. Никогаш не преполагав испит за поголема оценка бидејќи што и да добиев, знаев дека максимално сум се вложила во тој период - додава Славица.

Уживав на сите предавања

Славица со високи очекувањата ги почнала студиите, со оглед на тоа што дошла од средно уметничко училиште каде што многу од материјалот веќе го имала поминато и совладано. Предности во студирањето гледа во тоа што изучувала блок од педагошки предмети. Таа не верувала дека ќе биде меѓу најдобрите студенти.

- Изучував педагогија, психологија и методика на ликовна култура. Сметам дека овие предмети се многу корисни, независно дали ќе бидам вработена во настава или не. Исто така, на факултет подетално се запознав со процесите за конзервација и реставрација кои порано не ми беа познати. Уживав на сите предавања каде што учев нешто што порано не сум го знаела. Уживав на предавањата на проф. Невенка Величковска, која ми предаваше речиси сите години. Од голема полза ми беа и предавањата на проф. Небојша Вилиќ, кој ми предаваше историја на уметност, која и не беше секогаш лесна да се совлада - се присетува Славица.


Никогаш не се подготвував за испит заедно со колегите

Славица најбрзо се подготвувала за испит кога работела сама, а не во друштво со колегите. Од таа причина знаела да биде меѓу единствените што го полагаат испитот во прв рок и подоцна колегите барале совети од неа како да се подготват. 

- Практичните и теоретските предмети ги работев со љубов и увереност дека сè што ќе прочитам и научам е од огромна полза за мене. Сметам дека тоа е рецептот за успешно полагање испити, или барем мојот. Мене најдобро ми оди индивидуалната работа, кога работам сама. Било кога цртам и сликам било кога читам материјали за испит. Никогаш не сум се подготвувала со колеги. Испитите ги подготвував тековно, што сметам дека е најдобро за да има време материјалот да се помине неколку пати и добро да се утврди од повеќе извори - смета Славица.
                                         
Планира докторски студии

Откако официјално стана дипломиран сликар, Славица одлучи да го надгради знаењето со запишувањето на постдипломски студии на истиот факултет. Таа досега има реализирано шест самостојни изложби, била учесник на многу групни изложби, ликовни колонии и е автор на книга со цртежи и уште многу друго. Во изминативе пет месеци редовно излегува нејзиниот стрип за деца „Марсо Марсоски“ во весникот „Нова Македонија“, во додатокот за деца „Колибри“.  

- Магистерските студии кај нас траат една година. Јас во моментов сум со завршена магистерска тема, текст и слики и чекам да ми се закаже датум за одбрана. И на магистерски студии работам како на првиот циклус на студии, сè навреме и пред време, со план и идеја што сакам. Понатаму планирам да се образовам на највисоко можно ниво и да запишам докторски студии за ликовна уметност (кои кај нас ги нема). Во моментов не сум вработена и од она што го знам и умеам државава сѐ уште нема никаква корист.

Се надевам дека наскоро ќе се направи план да се задржат младите и перспективни кадри бидејќи засега има совршена национална стратегија како побрзо да ги избрка поставувајќи им безброј сопки на патот - вели Славица.

 

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема