X
 05.07.2022 Образование

Како се пресметуваат поените за упис на факултет?

Во текот на изминатиот месец учениците што го завршија средното образование ги полагаа државните матурски испити. Тие ги добија резултатите од испитот на 1 јули, а имаат право на приговор до денес (до 15:00 часот) со доплата од 1.500 денари преку посебни уплатници, изјава за согласност за користење на личните податоци и пополнување образец за „Приговор од кандидатот“.

Матурантите често се соочуваат со тешкотии при начинот на пресметување на добиените поени од успехот постигнат на државната матура и не знаат како да пресметаат колку поени ќе им бидат потребни доколку полагаат приемен.

Во продолжение ви пренесуваме дел од конкурсот на УКИМ за запишување нови студенти на прв циклус студии кој може да ви помогне да си пресметате колку поени имате добиено со оценките од матурата.

На студиските програми каде што селекцијата се врши само според успехот од средното образование, кандидатите може да освојат најмногу 100 поени, и тоа: општиот успех по сите предмети учествува со 60 %, а успехот постигнат на државната матура учествува со 40 %.

1. Пресметка на поените од општиот успех


На студиските програми на кои селекцијата ќе се врши само според успехот од средното образование, бодирањето се врши на тој начин што се собираат сите оценки што се внесени во свидетелствата од сите години, добиениот збир се дели со бројот на оценките и вака добиениот среден успех се множи со 12. По оваа основа може да се добијат најмногу 60 поени.

2. Пресметка на поените од успехот постигнат на државната матура

Кај кандидатите што полагале државна матура во учебната 2021/2022 и во учебната 2020/2021 бодирањето на успехот постигнат при полагањето на државната матура носи најмногу 40 поени и се врши на следниов начин:

За двата екстерни предмета:

- За кандидатите што на државната матура полагале екстерен предмет кој е соодветен за студиската програма на која конкурираат (Прилог 1), кон оценката од секој екстерен предмет се додава перцентилниот ранг на кандидатот за соодветниот предмет поделен со 20, па се множи со 1,2.

- За кандидатите што на државната матура полагале екстерен предмет кој е несоодветен за студиската програма на која конкурираат, поените за тој предмет се множат со фактор 0,9.

По оваа основа можат да се добијат најмногу 24 поени за двата екстерни предмета.

За двата интерни предмета:

- Оценките од секој од интерните предмети што се полагаат на државната матура, а кои се соодветни за студиската програма на која кандидатот конкурира, се множат со коефициент 1,2.

- Оценките од секој од интерните предмети што се полагаат на државната матура, а кои се несоодветни за студиската програма на која кандидатот конкурира се множат со коефициент 0,8.

Вака добиените производи се собираат. По оваа основа можат да се добијат најмногу 12 поени за два соодветни, 10 поени за еден соодветен и еден несоодветен и 8 поени за два несоодветни предмета.

За проектната задача:

Оценката добиена на проектната задача се множи со коефициент 0,8. По оваа основа можат да се добијат најмногу 4 поени.

Пред да изберете факултет, треба да знаете дека на одредени факултети има и приемни испити и таму има различни пресметки на бодовите.

На студиските програми со посебни специфичности (на Архитектонскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за музичка уметност), селекцијата на кандидатите ќе се врши според успехот од средното образование и со проверка на знаењата и умеењата на кандидатите. Кандидатите се рангираат со собирање на бодовите добиени по двете основи.

- На Архитектонскиот факултет кандидатите може да освојат најмногу 100 поени, и тоа: успехот од средното образование учествува со 60 %, а успехот постигнат на тестот за склоност за студирање архитектура учествува со 40 %.

Пресметката на бодовите од успехот во средното образование се врши на следниов начин: бодовите од успехот од средното образование се добиваат со пресметка на поените од општиот успех и на поените од успехот постигнат на државната матура. Вкупниот добиен збир се множи со коефициент 0,6. По оваа основа може да се добијат најмногу 60 поени.

- Пресметката на бодовите од проверката на знаењата и умеењата на кандидатите се врши на следниов начин: вреднувањето на успехот од тестот за склоност за студирање архитектура се врши со бодирање од 0 до 40 поени. Проверката има елиминаторен карактер. Не се рангираат кандидатите што не добиле најмалку 15 поени. Кандидатите имаат право на увид во тестовите, исклучиво лично, во рок од 24 часа од објавувањето на прелиминарните резултати, а по претходно барање доставено во писмена форма до архивата на факултетот. По овој рок кандидатите немаат право на увид во тестовите.

- На уметничките факултети (Факултет за драмски уметности, Факултет за ликовни уметности и Факултет за музичка уметност), кандидатите може да освојат најмногу 100 поени, и тоа: успехот од средното образование учествува со 40 %, а успехот постигнат со проверка на знаењата и умеењата на кандидатите учествува со 60 %.

Пресметката на бодовите од успехот во средното образование се врши на следниов начин: бодовите од успехот од средното образование за кандидатите што полагале државна матура се добиваат со пресметка на поените од општиот успех и на поените од успехот постигнат на државната матура. Вкупниот добиен збир се множи со коефициент 0,4. По оваа основа може да се добијат најмногу 40 поени.

Пресметката на бодовите од проверката на знаењата и умеењата на кандидатите се врши на следниов начин: вреднувањето на успехот од проверката на знаењата и умеењата на кандидатите се врши со бодирање од 0 до 60 поени. Проверката има елиминаторен карактер. Не се рангираат кандидатите што не добиле најмалку 10 поени.

Пресметката на поените од проверката на знаењата и умеењата на кандидатите на Факултетот за музичка уметност се врши согласно Упатството за утврдување на предметите и на испитните програми за проверка на знаењата и умеењата за запишување на прв циклус на студиските програми на факултетот и за начинот на бодирање на знаењата и умеењата и начинот на пресметка на поените.

По објавувањето на резултатите од проверката на знаењата и умеењата, кандидатите имаат право на приговор, во рок од 24 часа од објавувањето на резултатите. Кандидатите имаат право на увид во тестовите.

Пред да поднесете документи за конкурирање на Педагошкиот и на Природно-математичкиот факултет (наставни студиски програми), треба да знаете и дека се врши претселекција на кандидатите по пат на интервју, која не се бодира. Кандидатите се рангираат со пресметка на поените од општиот успех и на поените од успехот постигнат на државната матура.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование