Охриѓанката Александра Ивановска, инженер-технолог и научник од Центарот за иновации на Технолошко-металуршкиот факултет во Белград, се најде на листата со најдобри истражувачи во Србија, односно беше прогласена за најдобра научна соработничка во областа на техничко-технолошките и биотехничките науки во Србија.
Оваа листа е базирана на податоците од порталот eScience и меѓународно признатите научни резултати, а научните трудови и цитати на Александра ѝ го обезбедија местото меѓу најдобрите научници во Србија. Досега на порталот eScience се регистрирани повеќе од 20.000 истражувачи и 207 научни организации. Внесени се повеќе од 708.000 научни резултати.
Нејзината љубов кон природните науки се развила уште во основно училиште, особено кон математиката и хемијата, а во процесот на осознавање на својот талент за текстилно инженерство ѝ помогнало тоа што нејзините родители се инженери, а мајка ѝ имала своја приватна текстилна фирма.
- Со оглед на тоа што и моите родители се инженери, а мајка ми имаше своја приватна текстилна фирма, јас го избрав Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје како место каде што можам да добијам одлично знаење од областа на текстилното инженерство. Оваа одлука ја донесов во 2006 година, непосредно по посетата на Технолошко-металуршкиот факултет, каде што професорката Биљана Манговска (која подоцна ми беше ментор за дипломскиот и магистерскиот труд) ми ги покажа лабораториите и ми ги објасни предметите што се изучуваат на студиската програма конфекциско инженерство - ја почна својата приказна Ивановска.
Александра ја избрала Србија за својот докторат затоа што нејзината менторка заминала во пензија, а таа сакала да ги продолжи студиите во истата научна област - хемиска текстилна технологија.
- Благодарение на професорката Колета Зафирова, стапив во контакт со професорите кои предаваат на текстилната насока на Технолошко-металуршкиот факултет во Белград и во 2015 година запишав докторски студии. Морам да нагласам дека докторските студии на Универзитетот во Белград беа бесплатни бидејќи имав висок просек (9,25) на додипломските и магистерските студии во Скопје. Постојат и многу други причини зошто се одлучив за докторски студии во Белград, како што се сличниот менталитет, јазик, сличната храна и одличниот ноќен живот, во кој и ден-денес уживам - вели таа.
Од почетокот на нејзината научна кариера во 2018 година до денес публикувала 36 научни трудови во светски реномирани списанија со импакт-фактор до 8,2, три поглавја во книги, а научните резултати ги има соопштено и на 42 конференции.
- Исто така, автор сум и на еден регистриран патент. Врз основа на податоците од индексната база Scopus, моите трудови се цитирани 273 пати, Хиршов индекс 10, а вкупниот импакт-фактор на објавените трудови е 151. Најголем дел од наведените публикации произлегоа и/или се директно поврзани со мојата докторска дисертација, т.е. хемиско модифицирање на структурата и својствата на јута со цел да се прошири нејзината примена.
Од јануари 2022 год. ангажирана сум како раководител на работен пакет (work package leader) во рамките на проектот RECAP (Integrated Strategy for Rehabilitation of Disturbed Land Surfaces and Control of Air Pollution), кој е финансиран од страна на Фондот за наука на Република Србија (281.944 евра). Како дел од овој проект, работам на добивање гео-пребиотички полисахаридни носачи кои во комбинација со цијанобактериите може да се користат за реставрација на деградирани земјишта. Од 2022 до 2024 год. бев ангажирана во рамките на проектот “Compatibility in dispersion of surface biomaterials - treated filler with biosourced polymers“ финансиран од страна на Omya International AG од Швајцарија. Заедно со колегите од Иновациониот центар на Технолошко-металуршкиот факултет во Белград, Технолошко-металуршкиот факултет во Белград и Универзитетот Аалто во Финска, развивме композитни материјали и антимикробни филмови на база на регенерирана целулоза и калциум карбонат. Во соработка со колегите од Франција, Италија, Португалија, Романија и Финска интензивно работиме на употреба на целулозен и лигноцелулозен отпад во процесите на пречистување на отпадни води заситени со тешки метали и органски бои – образложи научничката од Охрид.
Големиот број иновации што произлегле од наведените проекти и биле претставени во дел од нејзините публикации директно влијаеле врз позицијата на Универзитетот во Белград на Шангајската листа за високото 40. место на Универзитетот во Белград во областа “Textile Science and Engineering”.
Според Ивановска, српскиот образовен систем препознава не само млади таленти, туку и талентирани студенти, научници и истражувачи, односно наградува и „извонредни научници“, а таа имала можност да го почувствува тоа во 2018 година кога Министерството за образование, наука и технолошки развој распишало конкурс за вработување 1.000 млади истражувачи во рамките на различни научно-образовни институции.
- Тоа беше, всушност, и моето прво вработување во Иновациониот центар на Технолошко-металуршкиот факултет во Белград, каде што работам и денес. Вакви конкурси се распишуваат еднаш годишно и ова е одлична можност за вработување на сите млади докторанди што имаат просек поголем од 9,00. На иницијатива на министерката за наука, технолошки развој и иновации, д-р Јелена Беговиќ и нејзиниот тим, оваа година првпат е направено рангирање на сите научници во Србија и обезбедена е финансиска награда од 30 отсто во наредните две години за 10 отсто најдобри научници во своите области и во своите научни звања - вели Ивановска.
Александра многу често доаѓа во Македонија бидејќи во нејзиниот роден град Охрид и во Скопје е целото нејзино семејство. Би се вратила назад ако државата вложи во научните истражувања.
- Би се вратила да живеам и да работам само ако државата одвои финансии и формира научни институти или истражувачки центри, ако набави капитална опрема и вработи квалитетни научници кои ќе развиваат конкретни производи или ќе решаваат конкретни проблеми. Дотогаш, ја продолжувам одличната соработка со колегите од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и се надевам дека наскоро ќе работиме на заеднички научноистражувачки проекти - истакна Ивановска.
Како раководител на проектот „Circular-JuteWaste“, кој е неодамна одобрен за финансирање од страна на Фондот за наука на Република Србија, заедно со нејзините колешки д-р Биљана Дојчиновиќ и д-р Јелена Лаџаревиќ во следниот период ќе работат на добивање апсорбенти за пречистување на отпадни води, а ќе продолжи да развива и други научни области како што е употребата на природни екстракти за симултаното боење и добивање биоактивни текстилни материјали со одлична антимикробна и антиоксидативна активност.
Фото: приватна архива