X
 12.10.2023 Наша тема

Маја Мишевска влезе на „Браун“ со целосна стипендија: „Сама си ги одбрав предметите и ќе добијам диплома од компјутерски науки и родови студии“

Чита литература за историја на италијански феминизам, па се одмора со пишување компјутерски код за дадена апликација, продолжува со споделување осврт на изгледан филм и за крај на денот решава задачи по комбинаторика.

Почетокот на семестарот на Универзитетот „Браун“ во САД, како за сите бруцоши, така и за Македонката Маја Мишевска беше незаборавно искуство. Учествуваше во церемонијата на поминување низ капијата Ван Викел, што во животот на студентите се случува двапати - на почеток како бруцоши и на крај како апсолвенти. Оваа битолчанка, која со семејството веќе неколку години живее во Скопје, и тетовчанката Адора Лимани, за која Факултети.мк веќе пишуваше, се единствените од Македонија годинава примени на „Браун“, приватен универзитет основан во 1764 година, еден од осумте најпрестижни универзитети во САД кој се наоѓа на листата со најдоброрангираните универзитети во светот заедно со Харвард, Колумбија, Јејл...

Отворениот курикулум е можност сама да ја креира едукативната патека


Мишевска веќе еден месец е во градот Провиденс, сојузна држава Род Ајленд, во североисточниот дел на САД. Сместена е во Морис, еден од студентските домови на кампусот на Универзитетот „Браун“. Со настава започнаа на 6 септември и според нејзиното досегашно искуство, предавањата и задачите се доста интересни и интерактивни. Отворениот курикулум ѝ дава можност сама да ја креира својата едукативна патека, што е многу различно од македонскиот високообразовен систем каде што секој факултет е концентриран на една област и има линеарна програма.

- Имавме таканаречен „шопинг“ период (пробен период) во кој имав можност да посетам часови од повеќе предмети пред да се одлучам што ќе слушам во првиот семестар. Во моментов слушам четири предмети: програмирање, статистика, рана модерна историја на Италија и литература за репродуктивна неправда. Сакам да ја искористам опцијата за двојни области и да дипломирам во компјутерски науки и родови студии. Овие области ми даваат разновидност и динамика во работниот тек. Читам литература за историја на италијански феминизам, па се одмарам со пишување компјутерски код за дадена апликација, продолжувам со споделување свој осврт на изгледан филм и за крај на денот решавам задачи по комбинаторика - вели Мишевска.



Веќе има пријатели меѓу студентите

Една од причините поради кои Мишевска се одлучи да студира на „Браун“ е што тој се истакнува со доста голема застапеност на интернационални студенти. Има студенти од 76 националности, а Маја веќе се запознала со многумина и склопила одлични пријателства.

Во слободното време посетила повеќе забавни настани организирани од факултетот, како: тивко диско, работилница за салса, проекција на филм во базен и многу други. Таа има прекрасни впечатоци од самиот град, а особено го издвојува спектаклот Waterfire на трите реки во Провиденс, во вид на инсталации на кои се пали оган.

- Во Дуино, Италија, каде што бев на колеџ, од моја соученичка од Бостон дознав дека студентите на „Браун“ се сметаат за едни од најсреќните студенти - додава Мишевска.

Кога ја примиле на „Браун“, не ѝ биле важни одговорите од другите универзитети

Таа во јануари годинава аплицирала на повеќе универзитети во САД, но приоритетен ѝ бил „Браун“ поради програмите и можностите за истражување и стипендирање.

- Бев пресреќна кога го добив повратниот одговор од „Браун“. Се сеќавам дека со неколку пријатели останавме будни до доцна во ноќта очекувајќи ја нотификацијата на е-пошта. Потоа не ми беа важни одговорите од другите универзитети бидејќи „Браун“ ми беше првиот избор. Инаку, оваа година за „Браун“ аплицирале 51.316 студенти, од кои беа одбрани 1.786 (околу 3,5% од вкупниот број апликанти) - раскажува студентката.

Доби и стипендија која целосно ѝ ги покрива трошоците за студирање - школарина, престој, храна, учебници и др.

- Врз одлуката дали да ве примат на универзитетот влијаат повеќе фактори, а се земаат предвид и училишниот успех и вонучилишните и социјални активности. Затоа при апликација се пишуваат повеќе есеи на тема што те прави среќен, објаснување зошто го одбираш и како би се вклопил во „Браун“ и справување во ситуација кога си се соочил со мислење различно од твоето. Исто така, снимив и кратко видео „Get to know me“ (Запознај ме), а дополнително мои професори дадоа препораки. Сето ова им служи да склопат слика за ученикот, неговиот карактер, неговата мотивација, пасија за одредена цел и област - вели Мишевска.



Завршила двегодишна програма на колеџ во Италија

Инаку, таа е родена и порасната во Битола. Пред почетокот на средното училиште со семејството се преселила во Скопје каде што се запишала во билингвална англиска паралелка во гимназијата „Орце Николов“. Таму ги поминала првите години од средното образование. Во 2021 година добила стипендија од Светски обединети колеџи (United World Colleges) за колеџот во гратчето Дуино, Италија, каде што завршила двегодишна програма и се стекнала со International Baccalaureate Diploma.

- Научните дисциплини што ме привлекуваа се менуваа во текот на годините и беа доста разновидни. Во основно и средно образование учествував и добивав награди на натпревари по математика и физика. Во исто време, мојот интерес се насочуваше кон уметност и дизајн, особено графичкиот и гејмерскиот дизајн. Дополнително, во текот на школувањето во UWC сфатив дека имам интерес и за дел од општествените науки, особено преку интердисциплинарен пристап на нивно изучување - вели таа.

Сака да им помага на маргинализираните

Пред себе има големи цели, меѓу кои и да им помогне на маргинализираните групи граѓани.
- Мислам дека во моментов се стремам кон повеќе цели. Една од нив е да стекнувам способности и да ги развивам до точка кога ќе направам вистински импакт. Сакам во иднина да ги применам моите знаења и вештини за решавање конкретни проблеми, како што е подобрување на социјалната вклученост на маргинализираните групи во неправедните индустрии.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема